Ковачевски: Економската соработка со Турција се зацврстува, создаваме услови за поволна бизнис клима за странските и домашните инвеститори
– Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Истанбул имал средба со претставници на бизнис заедницата од Турција, како и компании кои имаат инвестиции во различни сектори во нашата држава.
На средбата, соопштија од владината прес-служба, присуствувале и амбасадорот на Северна Македонија во Анкара, Јован Манасиевски, генералниот конзул на Северна Македонија во Истанбул Актан Аго, почесниот конзул на Северна Македонија во Турција Есер Џевахир, како и претседателот на Деловниот совет меѓу Северна Македонија и Турција и почесен конзул на Северна Македонија во Измир, Билал Кара. Присутни биле и претставници на најголемите компании во турска сопственост во земјава, како и дел од нашите инвеститори во Турција.
Премиерот Ковачевски на средбата потенцирал дека Северна Македонија и Турција имаат традиционално добри пријателски односи кои позитивно влијаат на јакнење на релациите помеѓу двете држави, што е важно за унапредување на билатералната и економската соработка.
На состанокот бил истакнат фактот дека Турција е меѓу првите 10 трговски партнери на Северна Македонија, што, ккао што стои во соопштението, од двете страни беше поздравено како стимул за понатамошно зајакнување на соработката.
– Беше разговарано за економската соработка со Турција, за која заеднички беше констатирано дека се зацврстува, во што значаен удел има и работата на владината Мешовита комисија за економска соработка. На состанокот беше оценето и дека вкупната трговска размена меѓу двете земји е задоволителна, при што беше изразена волја за зголемување на трендот на соработка на повеќе полиња, се вели во соопштението од владината прес-служба.
Нагласувајќи дека Турција е важен трговски и инвестициски партнер, премиерот Ковачевски рекол дека турските инвестиции се едни од најзначајните и најголемите во државава, со што се отвораат работни места и директно се влијае на растот на домашната економија.
Осврнувајќи се на конкретните чекори за стимулирање на странските инвестиции, Ковачевски истакнал дека Владата создава поволен деловен амбиент за инвестиции, што е препознаено како од странските, така и од домашните компании.
– Како резултат на поволната бизнис клима, странските и домашните компании ги зголемија и проширија своите бизниси. При тоа, премиерот Ковачевски нагласи дека оваа Влада обезбеди највисока финансиска поддршка и тоа за најголем број компании во изминативе пет години, а оваа поддршка ќе продолжи и во текот на оваа година, соопштија од Владата.
На средбата биле разменети мислења и за извонредните постигнувања во делот на странските директни инвестиции во Северна Македонија, што во текот на 2022 година бележат повеќе од двоен раст во споредба со 2016 година.