Ковачевски: ЕУ е наш најголем трговски партнер

Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денес во рамките на работната посета на Брисел се обрати и ја отвори последната сесија од скрининг процесот на Северна Македонија, посветена на Кластер 6 што ги опфаќа: Поглавје 30 – надворешни односи и Поглавје 31 – заедничка, надворешна и безбедносна политика.

Според владиното соопштение, на сесијата присуствувале и заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, претставници од Секретаријатот за европски прашања, Министерството за економија, како и претставници од сите други релевантни национални институции, вклучително и Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии, Министерството за животна средина и просторно планирање, Царинската управа и Бирото за јавни набавки.

Поглавје 30 се фокусира на заедничката трговска политика кон трети земји базирана врз мултилатерални и билатерални договори и автономни мерки, со цел постигнување правичен меѓународен систем за трговија што ќе придонесе кон постигнувањето одржлив економски раст и обезбедувањето сеопфатен економски развој на среден и долг рок.

Ова поглавје, исто така, ги вклучува и правилата на ЕУ на полето на хуманитарна помош и развојна политика. Претседателот на Владата, Ковачевски, во своето излагање истакна дека Северна Македонија нема да бара преодни периоди, туку целосно ќе го прифати правото на ЕУ.

– Ќе се фокусираме на тоа да ги усогласиме нашите трговски политики со ЕУ

„Ќе се фокусираме на тоа да ги усогласиме нашите трговски политики со ЕУ во рамките на Светската трговска организација и ќе продолжиме да ги спроведуваме правилата на ЕУ во врска со контролата на извозот со двојна намена, извозните кредити, инвестициите и инструментите за трговска заштита во нашите национални правни и институционални рамки“, истакна Ковачевски.

Во Поглавје 30 опфатени се неколку клучни области, како мултилатерална и билатерална рамка на заедничката трговска политика, трговски специфични правила, договори за оцена на сообразност, инструменти за трговска одбрана, инструменти за надворешна политика, како и развојна политика и хуманитарна помош.

– ЕУ е наш најголем трговски партнер

Ковачевски истакна дека Северна Македонија има највисок степен на трговска отвореност во регионот на Западен Балкан што во 2022 година достигна 171 отсто.

„Изгледите за надворешна трговија на Северна Македонија се мошне поврзани и тоа сѐ повеќе со Европската Унија бидејќи таа е наш најголем трговски партнер. Трговијата со ЕУ достигна 60 отсто од вкупната трговија изминатата година и 86 отсто од вкупниот број на сите преференцијални договори што Северна Македонија ги применува на билатерална и мултилатерална основа. Остатокот од 14 отсто трговија е без никакви преференции. Освен тоа, ЕУ е најважен инвеститор во Северна Македонија и има удел со 65 отсто во вкупниот број странски директни инвестиции на крајот на 2022 година“, нагласи премиерот.

Во однос на трговската политика, Северна Македонија е поддржувач на мултилатералниот трговски систем заснован врз правилата во Светската трговска организација, со кој обезбедуваме поголема сигурност во трговските односи како мала земја и кој придонесува за промовирање на отворената трговија и повисок економски раст.

Премиерот Ковачевски истакна дека во земјава во процес е ратификација на Референтниот документ за домашна регулатива за услуги и Договорот за субвенции за рибарството.

На 30 октомври оваа година Северна Македонија стана членка на Договорот за јавни набавки во СТО.

„Во однос на рамката на развојната политика Владата ги прифати Агендата 2030 и целите за одржлив развој во националниот стратегиски план, кои се усогласени со Рамката за соработка на Обединетите нации за одржлив развој 2021 – 2025 година и поглавјата на ЕУ во процесот на пристапување во ЕУ. Анализирајќи ги политиките на ЕУ во рамките на Новата агенда за Медитеранот, Северна Македонија стана полноправна членка на Унијата за Медитеранот во ноември минатата година, што е важен политички чин, насочен кон стимулирање на соработката и дијалогот во евромедитеранскиот регион“, истакна Ковачевски.

Говорејќи за усогласувањето на законската регулатива на Северна Македонија со законодавството на ЕУ, кое е обврзувачко за транспонирање во националното законодавство, Ковачевски истакна дека веќе се работи на измени и нова регулатива во неколку области.

„Министерството за економија веќе ја пренесе регулативата на шемата за сертификација на Кимберли процесот за меѓународната трговија со необработени дијаманти и во моментов подготвува два предлог-закона во областа на спречување на смртна казна и тортура и контрола на извозот на стоки со двојна употреба. Двата предлог-закона се очекува да стапан на сила до крајот на 2024 година“, рече премиерот.

„Министерството за надворешни работи, усогласувајќи се со хуманитарната политика, подготви Закон за меѓународна развојна соработка и хуманитарна помош во странство, кој треба да биде донесен до 2025 година. Овој закон предвидува многу важни чекори заизработка на методологија, стратегија и акциски план до 2030 година“, додаде тој.

– Успешноста и навременоста на процесите е потврдена со извештајот на Европската комисија

Во соопштението се вели дека со затворањето на овие поглавја скрининг процесот за Република Северна Македонија ќе биде официјално завршен.

„Процесот на скрининг започна на 15 септември 2022 и се одвиваше успешно и според утврдената динамика. Досега се одржани објаснувачки и билатерални состаноци за сите 33 поглавја поделени во шест кластери. Во овој период од 15 месеци и скоро 100 работни дена во Брисел беа одржани 850 презентации, а во процесот учествуваа 206 различни институции и приближно 1.000 учесници“, се наведува во соопштението.

„Успешноста и навременоста на процесите се потврдени со извештајот на Европската комисија која пак констатираше дека имаме солидно ниво на усогласеност. По завршувањето на процесот на скрининг следуваат и патоказите, кои се наша обврска што произлегува од Преговарачката рамка, кои пак се услов за отворање на првиот кластер. Тоа се патоказите за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и за функционирањето на демократските институции, како и Акцискиот план за заштитата на припадниците на малцинствата и заедниците“, се додава во владиното соопштение.