Ковачевски за МИА: Имаме јасен план за државата, која ќе го продолжи својот процес на евроинтеграција
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за МИА најавува дека кандидатите за пратеници на коалицијата „За европска иднина“ во рамки на кампањата за парламентарните избори во сите населени места ќе ја презентираат програмата и нивниот, како што вели, јасен план за државата, која ќе го продолжи својот процес на европско интегрирање. Оценува дека досегашниот тек на кампањата за претседател до пред неколку дена била демократска и смирена, но оти како се наближува денот на изборите, така и реториката знае да стане пожестока.
– Но, сепак мислам дека со одредени исклучоци претседателската кампања досега се одива во еден демократски амбиент каде што нашиот претседателски кандидат Стево Пендаровски ја образлага својата програма, својата визија за една европска Македонија. Истото се однесува и на моите настапи во дел од неговите митинзи. Започнува и кампањата за парламентарите избори на која што и кандидатите за пратеници од листата на коалицијата „За европска иднина“ ќе ги поминат сите населени места и каде ќе ја образложиме нашата програма, нашиот јасен план за држава која што ќе биде просперитетна и ќе го продолжи својот процес на европско интегрирање и држава која ќе стане земја членка на Европската унија, вели претседателот на СДСМ.
Во однос на тврдењата дека има мешања или обиди за мешање однадвор во изборната кампања, Ковачевски рече оти секако дека има обиди и мешање на трети страни не само во изборите туку и во секојдневниот политички живот во Македонија. Пред се, како што кажа, мисли на држави што не сакаат да ја видат Македонија како дел од ЕУ и коишто сакаат да имаме отворени прашања и отворени конфликти не само во Македонија туку и во регионот.
Меѓутоа, сепак сметам дека ние како држава имаме и капацитет, имаме и луѓе и институции коишто ќе овозможат граѓаните да го дадат својот глас на најдемократски начин и на овие избори. Секако дека и од моите изјави што сум ги давал во минатото, но и од изјави од наши стратешки партнери на високи претставници се чувствува во Македонија влијание на трети страни особено на оние што се поврзани со Русија или со некои нивни сателити, преку политички партии или преку одредени организации сакаат да влијаат на наметнување на реторика поинаква од онаа што граѓаните на Македонија ја сакаат и ја заслужуваат, посочува Ковачевски.
Едно од актуелните прашања што се наметна деновиве во јавноста е најавата на техничкиот министер за надворешни работи Бујар Османи за преиспитување на учеството на нашата земја во иницијативата Отворен Балкан. Ковачевски вели дека Отворен Балкан е оригинална иницијатива што потекнува од регионот формирана од три држави – Македонија, Албанија и Србија и која што е заснована на четирите слободи на Европската унија.
-Таа во својата суштина, во својот фундамент ги има постулатите на функционирањето на Европската унија, а тоа е слободното движење на луѓе, слободно движење на капитал, на производи и слободно движење на услуги. И кога ќе ги погледнете иницијативите коишто беа направени во рамки на Отворен Балкан тие се токму тоа. Во интервјуто Ковачевски се осврнува на резултатите од оваа иницијатива нагласувајќи дека останува на ставот дека регионалната соработка е исклучително важна.