Ковачевски за средбата со Заев и Ахмети: Со експретседателот на СДСМ се знаеме 32 години, ова не ниту прва, ниту последна средба

Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека на вчерашната средба со претседателот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев разговарале за тоа како треба да напредува државата кон полноправно членство во ЕУ и како да изгледаат настапите на партиите на следните избори.

„Вчера имав средба со Али Ахмети и поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев. Мора да знаете дека со Заев се знаеме 32 години, учевме факултет заедно, неретко се случува да комуницираме и да имаме ручек по 4, 4 и пол часа и да разговараме на многу теми. Разговаравме за тоа како државата треба да напредува кон полноправно членство во ЕУ. Секој од нас можеше да ги сподели своите искуства од мандатите коишто ги имал. Нормално дека разговаравме како би требало да изгледаат настапите на политичките партии на наредните избори низ призма на искуството којшто секој го поседува. Ова не е ниту прва, ниту последна средба, особено за некој што се знае повеќе од три децении“, кажа Ковачевски.

Во однос на тоа дали СДСМ предизборно ќе коалицира со ДУИ, премиерот кажа дека се прават анализи во рамки на политичката коалиција која СДСМ ја има со традиционалните партнери.

„Ние сме во коалиција со ДУИ. Се прават анализи како во рамки на политичката коалиција која ние како СДСМ ја имаме со нашите традиционални партнери. Водиме влада во тешко време, во четири кризни години. Сметам дека на државата и треба европска коалиција која ќе осигура сигурна европска иднина без никакви неизвесности и изолации, без политички еквилибристики какви што ги гледавме во текот на 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ нема концепт којшто гледа напред, сите нивни изјави се во претпоставки, сценарија кои немаат реална основа во политичките процеси. Сметам дека повторно владата ќе биде формирана од СДСМ и коалициските партнери“, рече Ковачевски.