Владата денеска на седница усвои Информација за 16. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, што ќе се одржи на 17-ти месецов во Скопје.
На седницата е усвоена и Платформа за настап на делегацијата на државава на состанокот.
Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) што стапи во сила на 1 април 2004 година, ја претставува рамката за спроведување на договорните односи, сѐ до приемот на државава во Европската Унија.
-Со оглед на ротирачкото претседателство со Советот за стабилизација и асоцијација, со овогодинешнот состанок, што е предвидено да се одржи неделава, на 17 март (петок) 2023 година, ќе претседава Република Северна Македонија, односно премиерот, Димитар Ковачевски, а копретседавач од страна на Европоската Унија ќе биде високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, информира владината прес-служба.
Во делегацијата на Република Северна Македонија ќе бидат и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, а во делегацијата на ЕУ ќе учествуваат и комесарот за добрососедска политика и проширување, Оливер Вархеји и претставници на земјите членки на Европската Унија и европските институции.