Ковачевски: Комисиите за историски прашања со Бугарија и Грција работат без политички влијанија

Комисиите за историски прашања со Бугарија и Грција се засноваат на еднаквост, со нив целосно раководи научната заедница и работат без никакво политичко влијание, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Одговарајќи на новинарски прашања, Ковачевски напомена дека сите информации за работата на комисиите може да се добијат директно од нив и од Министерството за надворешни работи (МНР).

„Историските комисии кои работат и со Грција и со Бугарија, а такви постојат и во земјите членки на ЕУ (Полска и Германија), работат независно од политичкото влијание и се целосно управувани од научната заедница, односно од историчарите. Тие се прават врз основа на еднаквост.

Во Комисијата со Бугарија учествуваат само историчари, а во Комисијата со Грција има и дипломати. Сите информации за нивното работење може да се добијат од комисиите и МНР“, изјави Ковачевски по потпишувањето на Договорот за подготовка на активности за изградба на трговски центри во Струмица и Ресeн.