Ковачевски: На претстојните избори се одлучува дали државата ќе стане членка на ЕУ или ќе заглави во нова неизвесност, изолација и поделби
СДСМ е опција коjа носи надеж, која обезбедува поголеми плати и пензии, подостоинствен живот и која носи сигурна европска иднина, рече лидерот на партијата и поранешен премиер Димитар Ковачевски вечерва на отворањето промотивен штаб на СДСМ во Охрид.
-Зошто сум убеден во тоа дека СДСМ ќе ја формира новата влада? Затоа што граѓаните добро знаат дека со СДСМ нема откажување, нема враќање назад, дека СДСМ е најдобрата опција за иднината на државата. Опција кој носи надеж, опција која обезбедува поголеми плати и пензии, подобар и подостоинствен живот за сите. Опција која сигурно, силно и одлучно гази на патот кон Европската Унија. СДСМ е синоним за напредок и просперитет, ВМРО ДПМНЕ е синоним за безнадежност и стоење во место, рече Ковачевски.
На претстојните избори, посочи лидерот на СДСМ, граѓаните одлучуват дали Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ и ќе ги зголеми придобивките од членството во НАТО, или ќе заглави до недоглед во нова и тешка неизвесност што ќе донесе голема изолација, поделби и загрозување на иднината, на напредокот на земјата.
-А народот не сака да стои во место, не сака повторно да биде заглавен и понижен. Не заборава како владееше ВМРО ДПМНЕ на чело со Никола Груевски, менторот на Христијан Мицкоски. Затоа ќе победиме! Борбата за европска македонска иднина продолжува, нема откажување. Кога ве гледам вака собрани во голем број знам што следи: Во овој изборен штаб овде, на 8 ми мај, исто како и во нашите изборни штабови низ цела Македонија, сите заедно ќе прогласиме нова голема победа за СДСМ! Нова голема победа за посветла иднина на Македонија, рече Ковачевски.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ нема план за Европа, нема план за иднината и не може да донесе никаква суштинска промна, а пример за тоа, како што наведе, е хаосот во Скопје и нереализираните ветувања на градоначлниците од оваа партија низ државата.
-Ние во СДСМ имаме јасна визија за иднината на државата како европска. Секој што ветува нешто друго треба да излезе и да каже што е тоа? Која е алтернативна визија за Македонија? Како ќе ја реализираат? Немаат, затоа и не ја кажуваат. ДПМНЕ нема план за Европа, нема план за иднината, истакна Ковачевски во Охрид.