Ковачевски: „НЕ“ стана „ДА“ – бев убеден дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи на праведната цел за европска иднина

 Сега имаме нов момент на политичката сцена во земјата и нова реторика, целосно различна од она што досега го слушавме, „НЕ“ стана „ДА“, прифаќањето на уставните измени од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и промената на ставот е за доброто на државата и го поздравувам, рече денеска премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на трибината „Разултати што прават разлика“ во Кавадарци.

– СДСМ го предводи концептот за европска Македонија и работи за остварување на уште една стратешка национална и државна цел поставена уште од независноста – членство во ЕУ до 2030 година. Имаме историска шанса и силна поддршка од нашите стратешки партнери ЕУ и САД и сега е време за последниот чекор за да го продолжиме европскиот пат.  Понудивме рака и на опозицијата за дијалог и шанса и тие да се приклучат. И сега имаме нов момент на политичката сцена во земјата и нова реторика, целосно различна од она што го слушавме во изминатата година, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека на последната нивна средба, Христијан Мицкоски прифатил уставни измени.

– И тоа јавно го кажа на прес-конференција и го повтори потоа во изјава наредниот ден. Прифаќањето на уставните измени им дојде некако како шок во ВМРО-ДПМНЕ, можеби затоа што се случи нагло. Имам разбирање за тоа, истакна Ковачевски.

Една година, рече тој,  гледавме протести, молотови коктели врз Собранието, обвинувања за бугаризација, асимилација.. 

– Го палеа договорот во Собранието, свиреа со вувузели. Цела година слушавме изјави како се на браникот, се потпишуваа нотарски изјави на пратениците дека нема да поддржат уставни измени, носеа маички со ,,НЕ”. Во Собранието не можеше да се слушне ниту мојот глас, ниту гласот на пратениците, рече Ковачевски.

По сите вакви одбивање одеднаш, додаде тој, со една изјава на прес-конференција, се тоа не важи.

– Одеднаш не е проблем делови од бугарскиот народ да влезат во Уставот. Со една изјава прифатливи се уставните измени, прифатено е учество во Влада со СДСМ и други партии. ,,НЕ” стана ,,ДА”. Затоа што ,,ДА” е секогаш посилно од ,,НЕ”, додаде тој.

Ковачевски нагласи дека цело време бил убеден дека од ВМРО-ДПМНЕ ќе го слушнат вистинскиот глас и ќе се приклучат на праведната цел „за да обезбедиме европска иднина за нашите сегашни и идни генерации“.

– Имам јас многу лични моменти во ова. Цело време бев обвинуван за бугаризација и асимилација и се тоа падна во вода. Но, подготвен сум да поминам преку тоа, за доброто на земјата. Знаеме ние дека опозицијата и во други прилики менувала став. Овој пат, промената е за добро на државата. И затоа го поздравувам, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека сега е моментот да се обединиме, рамо до рамо, сите и да ја донесеме одлуката за уставните измени, заради иднината на сегашните и идните генерации. 

– Оваа одлука е за граѓаните на државата, оваа одлука е за обичниот граѓанин на државата, за оној граѓанин кој што станува секое утро и оди на работа. Ова е одлука за вас земјоделците, за вас лозарите, за работниците кои секое утро одат во фабриките, кои чесно го заработуваат лебот и плаќаат данок кон државата. Ова е одлука за сите мајки чии деца отидоа на печалба во ЕУ, ама во ЕУ во туѓина, ова е одлука за децата да ни бидат тука, да ни расте наталитетот. Ова не е одлука за една мала група на луѓе кои што и со ЕУ и без ЕУ, живеат на висока нога, повисока и од некои земји членки на ЕУ,  посочи Ковачевски. 

Лидерот на СДСМ истакна дека сите политички субјекти мора да ја искористат шансата и да ја обезбедат европската иднина на државата.

– Имаме шанса која не смееме да ја пропуштиме. Години и години може да чекаме наредна шанса. Подобар договор од овој што имаме ниту може, ниту ќе добиеме. Затоа, ајде заедно да ја донесеме одлуката со којашто ќе се гордееме, повика Ковачевски на трибината „Резултати што прават разлика“ во Кавадарци, која е во организација на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.