Ковачевски: Од нас зависи колку брзо ќе ги направиме реформите на патот кон ЕУ

„Како никогаш досега, Европа се врати и посветена на земјите од Западен Балкан. За релативно кратко време, земјите од регионот имаат можност да ги интензивираат институционалните и структурните реформи, како и да ја зајакнат конкуренцијата на глобалниот пазар, да имаат корист од придобивките од дигитализацијата, технолошкиот и зелениот развој, како идни земји-членки на Европската Унија. Членството во ЕУ зависи од ентузијазмот во ЕУ за проширување и продлабочување на европската интеграција, но и од напорите на земјите кандидати да ги исполнат потребните критериуми и високи стандарди, преку почитување на темелните европски вредности. Овој процес е взаемно корисен за двете страни“.

Оваа порака денеска ја даде премиерот Димитар Ковачевски во отворањето на Економско-финансискиот форум во Скопје .

Тој рече дека ЕУ им дала реална шанса на земјите од Западен Балкан да се интегрираат во ЕУ.

Премиерот истакна дека е особено важен планот за Западен Балкан објавен од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која на форумот во Братислава во мај годинава ја промовираше заедничката цел за забрзување на процесот на европска интеграција. .

Овој план, нагласи Ковачевски, отвори можности за многу побрза интеграција во ЕУ.

Тој додаде дека земјите од Западен Балкан треба да се фокусираат на соочување со предизвиците кои стојат на патот на просперитетот.