Ковачевски од Тирана: Очекуваме конструктивна дискусија за зголемување на регионалната соработка

 Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски пред почетокотот на Самиот на лидерите на Берлинскиот процес денеска во Тирана порача дека очекува конструктивни дебати за зголемување на регионалната соработка.

Ковачевски во Тирана беше пречекан од албанскиот премиер Еди Рама, а како што е најавено, на Самитот ќе учествуваат на две работни сесии – „Интегрирање на регионот во единствениот пазар и подобрување на конвергенцијата со ЕУ“ како и „Поддршка на зелената и дигиталната транзиција во Западен Балкан: предизвици и можности за инвестиции и раст“.

– Очекувањата се дека ќе имаме конструктивна дискусија прво во однос на зголемување на регионална соработка, во однос на зголемување на инвестициите за поврзување на регионот, односно на сите земји во регионот и посебно разговори во однос на обезбедување на енергетска независност и обезбедување на дополнителни финансиски средства за енергетско осамостојување на регионот и зелена транзиција на енергетскиот сектор. Дополнително ќе биде потпишан и договор за меѓусебно признавање на дипломите на фармацевтите, потоа на акушерките, на медицинските сестри коишто доаѓаат како дополнување на она што го потпишавме на минатиот самит, а тоа беше признавање на дипломите на лекарите и на другите дејности кои се регулираат согласно со европските директиви, посочи премиерот Ковачевски.

На Самитот е најавено е присуство на германскиот канцелар Олаф Шолц, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, на лидерите од земјите од регионот на Западниот Балкан и членките на ЕУ – Австрија, Хрватска, Грција, Унгарија, Холандија, Словенија, но и високи претставници на ЦЕФТА, ОЕЦД, Советот за регионална соработка, Светската Банка, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска Банка.

– Тука на овој Самит ќе имам и разговори со Шолц. Во текот на денот, утрово имав состанок со Комесарот Вархеји на кој разговаравме за процесот на проширувањето, прво во однос на скрининг процесот кој веќе е во својата финална фаза и кон подготовката на финалните извештаи, меѓутоа исто така разговаравме и за поврзувањето на земјите од Западен Балкан пред сè мислам на дигиталното поврзување коешто едно од условите за воспоставување на заеднички регионален пазар којшто ќе биде компатибилен со заедничкиот европски пазар за воспоставување на инфраструктура и механизми. Имав состанок и со претседателката на европската банка, г-ѓа Рене Басо на која разговаравме конкретно на проектите што се финансирани од страна на ЕБРД во однос на поврзувањето на Коридорот 8 со Албанија како и на проектите кои се однесуваат на финансирање на енергетските проекти во државата и на интерконекцијата со Грција во однос на гасното поврзување на Северна Македонија, изјави Димитар Ковачевски.

Ковачевски, исто така, најави дека во текот на утрешниот ден ќе има состанок и со потпретседателката на Светска Банка со која ќе разговараат за долгорочниот план на Северна Македонија со Светска Банка во однос на финансирањето на проектите во земјава во наредните четири години.

Во Тирана се одржува вториот Самит на Берлински процес во регионот, откако 2020 година Северна Македонија и Бугарија, организираа онлајн самит поради пандемијата.