Ковачевски: Пендаровски покажа што значи да се биде претседател, во неговиот втор мандат членство во ЕУ
– Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски од делегатите на 27. Конгрес вечерва побара поддршка за кандидатурата за втор претседателски мандат на Стево Пендаровски.
Ковачевски порача дека Пендаровски има јасна визија за просперитет на државата и за нејзина интеграција во Европската унија.
-Во досегашниот мандат покажа што значи да се биде претседател за сите. Во неговиот мандат земјата стана членка на НАТО, сега во вториот мандат да стане членка на ЕУ, рече Ковачевски.
Истакна дека денеска собрани се над 20.000 потписи за кандидатурата на Пендаровски за претстојните избори и оцени дека ги демантирале сите критичари и скептици кои сметаат дека СДСМ не е најдобрата опција за државата.
– На овој начин најдобро се потврди она што го говорам две години, дека најсилната, најголема и партија која има најголема организациска способност во државата е СДСМ, рече Ковачевски.
По неговото обраќање следува работен, затворен дел, по што ќе се обрати и кандидатот за претседател на државата.
Откако завчера ја најави и официјално кандидатурата за претседател на државата, Пендаровски денеска ги обезбеди и потребните 10 000 потписи за граѓанската кандидатура, кои како што информираше неговиот Кабинет, се собрани за неполни пет часа.
Пендаровски е на функцијата претседател на државата од 12. мај 2019 година. Првпат беше кандидат за претседател на државата во 2014 година, како кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, но не успеа да го победи тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Во 2019 година вторпат беше кандидат на претседателски избори, како консензуален кандидат на СДСМ, ДУИ и десетици други политички партии и го победи кандидатот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова. И на овие избори Силјановска Давкова е негов противкандидат. И таа денеска обезбеди 10 000 потписи од граѓаните за кандидатурата, а ВМРО-ДПМНЕ и ја официјализираше поддршката вчера на конвенција.
Потписи за влез во трката за претседател на државата досега обезбедија уште пет кандидати: лидерот на „ЗНАМ“ Максим Димитриевски, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи кој е кандидат на ДУИ, претседателот на ГРОМ Стевче Јакимовски, Билјана Ванковска, кандидат на Левица и Арбен Таравари од коалицијата на здружената албанска опозиција „Вреди“.