Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Блед, Словенија, каде што учествува на Бледскиот стратешки форум, се сретна со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ.
На средбата, на која присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, се разговараше за актуелните случувања во евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Двајцата премиери оценија дека евроинтеграциите се најдобриот механизам за напредок на РСМ, кој меѓу другото ќе овозможи стабилна економија, повисок животен стандард за граѓаните и ќе донесе повеќе инвестиции.
„Соговорниците разменија мислења во однос на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, кој покрај економските придобивки ќе обезбеди стабилност и безбедност на Балканот.
„Република Северна Македонија постојано добива институционална поддршка од Република Хрватска во размената на искуства во процесот на подготовка на преговорите за членство во ЕУ. Ковачевски и Пленковиќ на средбата потврдиле дека ваквата поддршка ќе продолжи и во иднина“, се вели во соопштението на Владата за средбата меѓу Ковачевски и Пленковиќ.
На крајот се вели дека двете влади ќе продолжат да се залагаат за продлабочување на билатералните односи како и зајакнување на економската соработка.