Ковачевски: Поединци во ДУИ зедоа преголема слобода во однесувањето

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски вечерва изјави дека прелиминарната анализа направена од изборниот штаб на партијата покажала дека незадоволството кај граѓаните што се рефлектираше врз изборниот резултат од првиот круг од претседателските избори се должи на одредени кадровски решенија, однесување на дел од коалиционите партнери во Владата пред се на одредени функционери на ДУИ, инфлацијата и недовербата во правосудниот систем.

„Дополнително, кога ќе го погледнете квантумот на гласови на десната страна на ВМРО-ДПМНЕ којшто е 360 илјади, на левата страна има веќе повеќе партии. Факт е дека СДСМ односно претседателот Пендаровски освои 180 илјади гласови и факт е дека поранешен градоначалник на СДСМ заради одредени одлуки што биле носени во минатото и негово несогласување со некои функционери на СДСМ, отиде сам, направи политичка партија каде што се одлеаја гласови коишто се или на членови на СДСМ или на традиционални гласови на СДСМ, така што кога ќе ги соберете гласовите на десниот и на левиот спектар тогаш разликата е во рамки на она што било и во минатото“, рече Ковачевски.

За централниот дневник на „Сител“, Ковачевски рече дека поединци во ДУИ се однесувале несоодветно и дека имало функционери кои не биле на висина на задачата за време на мандатот на Владата предводена од СДСМ. Рече дека со ДУИ немал разговори по првиот круг од претседателските избори и дека коалициската соработка завршила на 25 јануари кога завршил мандатот на Владата.

„Се согласувам дека поединци во ДУИ зедоа преголема слобода во однесувањето. Таа слобода во однесувањето беше проследена и со несоодветно однесување. Не можам да генерализирам. Можам да кажам дека персонално со дел од министрите на ДУИ соработувавме одлично – министерот за финансии е врвен економист, деноноќно работеше на антикризните мерки, на обезбедување на финансиски средства со ММФ заедно со Битиќи и со Филип Николовски кој е од нашата партија.Меѓутоа имаше други кои не беа на висина на задачата. Го осудив она што го направи Али Ахмети на градскиот плоштад во Скопје со извиците УЧК. Тоа се анахрони извици што немаат врска со паролата што ја прокламираат на овие избори – Европски фронт. Како ќе промовирате Европски фронт без ниту едно европско знаме на митинг на плоштадот во главниот град и со извици од пред 24 години што само будат духови од минатото што се закопани. На тоа му парираат и Мицкоски и Гордана Силјановска со нивната национална реторика“, рече Ковачевски.

За предлогот на лидерот на партијата ЗНАМ, Максим Димитриевски да си даде оставка целото раководство на СДСМ, Ковачевски рече дека е убеден оти тоа писание не е напишано кон СДСМ, туку го напишале за да можат да ја оправдаат одлуката да ја поддржат кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова во вториот круг на претседателските избори.

– Тоа и се случи во текот на вчерашниот ден кога нивниот претседател кажа дека ќе излезе на гласање и дека нема да гласа за Стево Пендаровски, туку ќе гласа за другиот кандидат. Тоа е повик до неговите гласачи. Од друга страна јас ги повикувам сите гласачи, вклучително и оние кои во првиот круг го дадоа гласот за него, да ја изберат вистинската социјалдемократска опција бидејќи во 2006 година видовме како изгледаше едно такво раслојување на левицата која што на крајот заврши повторно со обединување. Тие коишто во 2006 година, тука мислам на НСДП ја одиграа истата улога, на крајот сега се дел од коалицијата со СДСМ, рече Ковачевски, додавајќи дека тие ќе ја увидат грешката бидејќи Димитриевски отишол да работи против своите.

Прашан дали ќе понесе одговорност доколку изгуби на изборите, Ковачевски рече дека тоа ќе го остави за после 8 мај.

– Секако дека согласно резултатите на изборите, тоа е статутарно регулирано кај нас, следи отчетен конгрес и внатрепартиски избори на сите органи и тела и функционери. Во однос на преземањето одговорност, тоа ќе го оставиме за после изборите на 8 мај. Немојте да се сомневате во демократскиот и во моралниот и етички капацитет на Димитар Ковачевски. Инаку, мојата иднина во СДСМ ќе биде во СДСМ, рече Ковачевски.