Не смееме да заборавиме дека ЕУ има две граници, едната е надворешната граница на ЕУ и втората е внатрешната граница, која е со земјите од Западен Балкан. Ова е границата, до 2030 година сите заедно мора да направиме да престане да постои.“
Во рамките на Преспанскиот форум за дијалог, што се одржува во Струга, се одржа и сесијата на тема „Искрената регионална соработка го одржува регионот стабилен“, јавува Анадолу.
Воведниот говор на сесијата го имаше премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, а говореше и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ. Преку видеопорака пред присутните се обрати и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
Ковачевски истакна дека „политичката цел на Западен Балкан е полноправното членство во Европската Унија (ЕУ)“.
Потенцирајќи дека местото на сите земји од Западен Балкан е во ЕУ, Ковачевски додаде: „Регионалните иницијативи се еден од најдобрите начини за соработка на патот кон полноправно членство во ЕУ. Сите земји од регионот практично се на тој пат. Регионот денес го има потребниот лидерски потенцијал за донесување такви одлуки.“
Ковачевски рече дека војната во Украина ја потсети Европа дека има геостратешка празнина на географската површина на европскиот континент. „Не смееме да заборавиме дека војната во Украина се одвива на 700 километри од местото каде што сме денес“, рече тој.
Според него, оваа геостратешка празнина е „отворена врата за ветровите кои веќе ја тресат стабилноста на кревкиот Западен Балкан, но и на самата Европска Унија“.
„Не смееме да заборавиме дека ЕУ има две граници, едната е надворешната граница на ЕУ и втората е внатрешната граница, која е со земјите од Западен Балкан. Ова е границата во иднина, до 2030 година сите заедно мора да направиме да престане да постои“, додаде Ковачевски.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, во својата видеопорака рече дека изминатите неколку години биле предизвикувачки, почнувајќи од глобалната пандемија до климатската вонредна состојба и енергетската криза што ја поттикна инфлацијата, сето тоа, според неа, се во позадина на нелегитимната окупација на Украина од страна на Русија.
Како што нагласи, проширувањето е најмоќната геополитичка алатка на ЕУ.
„Тоа останува стратешка инвестиција за мир, безбедност и просперитет на европскиот континент. Политиката за проширување на ЕУ е една од најголемите и најуспешните трансформации на ЕУ. Европејците имаат корист од тоа. Проширувањето носи придобивки за двете страни, како за блокот на ЕУ, така и за новите членки што ќе се приклучат“, рече таа.
Мецола потсети дека овој месец се одбележуваат 20 години од Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржа во Солун, Грција.
„Беа дадени ветувања, постигнат е и напредок. Но, често беше бавно. И имаше многу разочарувања. Но, таму каде што има волја за помирување, ќе има и пат напред“, рече таа и изрази надеж дека оваа година ќе донесе уште добри вести.
Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, во својот говор истакна дека проблемот на Западен Балкан лежи во тоа што премногу се зборува за минатото, но не и за тоа што ќе се случува во иднина.
„Ако го промениме овој пристап и зборуваме повеќе за визијата, за она што сакаме да го видиме во иднина, мислам дека навистина ќе успееме. Но, ова е двонасочна улица“, нагласи Абазовиќ и додаде дека по новонастанатата геополитичка ситуација сите мора да разберат дека тоа е од заеднички интерес.
Тој потсети дека пред неколку години ЕУ изгуби земја членка, привлекувајќи внимание дека би било многу добро да се ревитализира процесот на проширување.
Осврнувајќи се на регионалните иницијативи како Берлинскиот процес и Отворен Балкан, Абазовиќ истакна дека регионалните иницијативи се средство за постигнување на целта, и дека поради треба да се поддржи секоја иницијатива што ќе им го олесни животот на граѓаните.