Ковачевски: Сите демократски сили ја поддржуваат европската иднина на Македонија

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски ги повика сите демократски и прогресивни сили во државата да излезат на претседателските и парламентарните избори на 8 мај и да дадат масовна поддршка за европската иднина на Македонија.

„Немаме друг избор, мора да бидеме европска земја и нема друг начин да направиме вистински и опипливи промени дома. Мора да имаме повисок стандард, подобри услови во здравството, европско образование и конечно да се бориме против корупцијата и да воспоставиме правна држава во сите сфери“, рече Ковачевски.

Од првомајскиот пикник што денеска се одржа во градскиот парк во Скопје, Ковачевски рече дека само со поддршка на СДСМ и „Коалицијата за европска иднина“ и кандидатот за претседател Стево Пендаровски, граѓаните ќе испратат порака дека со нив не треба да се игра во иднина.