Премиерот Ковачевски рече дека Северна Македонија високо го почитува ангажманот на Словенија во сите важни процеси
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со премиерот на Словенија, Роберт Голоб, во рамки на својата официјална посета на Љубљана.
Владата преку соопштение информираше дека во рамките на посетата е одржан билатерален состанок на кој присуствуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, Љупчо Николовски, вицепремиерката и министерка за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон, и министерката за дигитализација на Словенија, Емилија Стојменова Дух.
„На состанокот е констатирано дека Северна Македонија и Словенија веќе 31 година развиваат искрено и цврсто пријателство што резултира со продуктивна билатерална соработка. Пренесена е јасна поддршка од Словенија за следниот чекор на Северна Македонија во евроинтеграциите, како заслужен напредок и неопходен за стабилноста на регионот и Европа, во геополитички контекст. Поради тоа, изразено е очекување за разбирање на важноста на моментумот и продолжување по европскиот пат”, се вели во соопштението.
Како што информираат од Владата, Ковачевски рекол дека Северна Македонија високо го почитува ангажманот на Словенија во сите важни процеси за официјално Скопје, како при НАТО-интеграцијата, така и при отворањето на пристапните преговори со ЕУ.
„Словенија отсекогаш била силен и гласен поддржувач на нашите евроатлантски интеграции и на европските перспективи на Северна Македонија и на Западен Балкан и затоа од исклучителна важност е поддршката и во овие моменти кога пред нас е шансата за зацврстување на европската ориентација, која е од стратегиско значење и за целиот регион“, истакна Ковачевски.
Владата на Северна Македонија, како што потенцираше Ковачевски, ќе продолжи да работи на продлабочување на партнерството со Словенија, за што е доказ и денешното потпишување Заедничка декларација за зајакнување на соработката меѓу Северна Македонија и Словенија, која, според него, ќе придонесе за натамошно интензивирање на билатералната соработка.
Разговарано е и за одржување заедничка седница на двете влади во текот на оваа година.
TRT Balkan