Ковачевски со честитки за Нова година: Направивме многу, имаме капацитет и волја да преземеме нови чекори

Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски во видео презентација им ја честита Новата година на граѓаните. Ковачевски вели дека 2023 година не била лесна, но е горд на постигнатото.

„Направивме многу во рамките на можностите. Во најтешката криза работевме напорно, посветено и фокусирано. Работевме за да го подобриме животот. Така што секој има повеќе. И што е најважно, никој не остана сам! Платите и пензиите се зголемени на историски високи нивоа“.

„Денеска имаме близу 50% зголемување на пензиите, имаме двојно повисока минимална плата и просечна плата која е веќе над 600 евра. Ве уверувам дека и платите и пензиите ќе продолжат да се зголемуваат и следната година! Со антикризни мерки го заштитивме и помогнавме животниот стандард на семејствата и фирмите. А на нас може да се потпрат и пензионерите, студентите, и учениците, и самохраните родители и најранливите“, вели Ковачевски.

Тој вели и дека има двојно повеќе странски инвестиции, пад на невработеноста и зголемување на вработеноста.

„Пред нас има простор да се направи уште повеќе, да биде уште подобро, платите и пензиите да продолжат да се зголемуваат и директно и солидарно да им помогнеме на најзагрозените. Затоа што тоа се вистинските македонски и европски вредности. И затоа во овој момент најмногу се потребни верба, оптимизам и мудрост“.

„И ова го кажувам не само како премиер, туку пред се како граѓанин, како татко, сопруг, син, како човек кој иднината ја гледа овде, дома, во својот роден град. Ни треба сето знаење со кое располагаме за да ги постигнеме целите пред нас. Често велам дека наш приоритет, наша најголема вредност и најсилна страна се луѓето, нашите граѓани“.

„Затоа што имаме капацитет, имаме знаење, имаме волја да ги преземеме следните чекори. Да продолжиме да го подобруваме животот на граѓаните. Да го направиме и она што е најважно – да ги задржиме младите дома. Да ги вратиме тие што побегнаа, оти европскиот пат по кој одиме почна и нема да запре. Мора да гледаме напред, мора да одиме напред. Европскиот пат е тој што ќе донесе развој и подобро утре“, вели Ковачевски.

Тој понатаму додава дека на крајот од овој европски пат е големата награда, членството во Европската Унија.