Ковачевски – Шоле: “Северна Македонија кредибилен партнер на ЕУ и САД и пример за успешно решавање на отворени прашања“
Премиерот Димитар Ковачевски денеска на барање на советникот на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле оствари телефонски разговор со него.
Од владината прес-служба информираат дека присутни биле и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и американската амбасадорка Анџела П. Агелер.
Високиот претставник на Стејт департментот се заблагодарил за покажаното лидерство на Северна Македонија и на премиерот Ковачевски како домаќин на состанокот на високо ниво од дијалогот меѓу Србија и Косово, кој, под покровителство на Европската Унија и со поддршка на САД ,се одржа на 18 овој месец во Охрид.
Организирањето на овој настан, како што нагласил Шоле во телефонскиот разговор, е препознавање на кредибилноста на Република Северна Македонија како партнер на ЕУ и САД и како пример за успешно решавање на отворените прашања.
Како што се наведува во соопштението, премиерот Ковачевски и советникот Шоле разговарале за повеќе актуелни прашања со фокус на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, пришто била потврдена континуираната поддршка од САД за заложбите на државата за исполнување на критериумите за влез во ЕУ, како и обезбедувањето стабилност, просперитет и економски развој.
-Во таа насока, премиерот Ковачевски се заблагодари на САД за поддршката и охрабрувањето на сите политички партии во Собранието да работат заедно во конструктивна атмосфера, градејќи меѓупартиски консензус, фокусирајќи се на конкретни чекори во преговарачкиот евроинтеграциски процес, се посочува во соопштението.
Премиерот Ковачевски потенцирал дека државата и понатаму ќе биде фактор на стабилност во регионот, преку практикување на политиките на дијалог и негување на добрососедските односи.
-Взаемно беше констатирано дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ и земјите треба посветено да работат во насока на забрзување на евроинтеграциските процеси преку носење на мудри и одговорни одлуки, се вели во соопштението.
Премиерот во телефонскиот разговор со Шоле изразил увереност дека во претстојниот период ќе се зајакне соработката со САД во изнаоѓање системски решенија за справување со корупцијата на секое ниво, вклучувајќи ја и високата корупција.