Кога е најдобро време да пиете кафе за да го подобрите расположението? Ново истражување го има одговорот
Доколку сте љубител на кафе, имаме добри вести. Вашиот омилен пијалок не само што е поврзан со подолг живот, туку и со подобро стареење кај жените. Сепак, овие потенцијални придобивки доаѓаат со свои ограничувања, како што е консумирањето до три шолји дневно, без додаден шеќер и полномасно млеко. А сега, најновото истражување открива дека пиењето кафе е клучно и за добро расположение, пишува „Хафингтон пост“.
Кога да пиете кафе за подобро расположение?
Во труд објавен во списанието „Scientific Reports“, научниците истражувале дали и кога кофеинот може да го подобри расположението. Познато е дека кофеинот помага во блокирањето на аденозинските рецептори во мозокот, а аденозинот е тој што нè прави уморни и е поврзан со чувството на анксиозност и депресија.
Затоа, целта беше да се провери дали пиењето кафе рано наутро, кога многу луѓе се борат со поспаност поради инерција на спиење, ќе влијае на тоа колку кофеинот ќе биде корисен за расположението.
Анализирани се податоци од две германски студии во кои учесниците ги евидентирале своите искуства во реално време преку прашалници. Студиите траеле 15 и 29 дена и вклучувале вкупно 236 учесници, следејќи го времето на внесување кофеин и нивната емоционална состојба.
Резултатите покажаа дека „поврзаноста помеѓу консумирањето кофеин и позитивниот емоционален ефект била најсилна во првите 2,5 часа по будењето“. Помало, но значајно подобрување на расположението било забележано и кога учесниците пиеле кафе 10 до 12,5 часа по будењето, додека времето на консумирање не влијаело на никакви негативни ефекти од кафето.
Утрото е клучно и за други здравствени придобивки.
Ова не е единствената студија што ги истакнува придобивките од утринското кафе. Трудот објавен во European Heart Journal покажа дека оние што пијат утринско кафе имаат 16 проценти помала веројатност да умрат од која било причина и 31 процент помала веројатност да умрат од кардиоваскуларни заболувања, во споредба со оние што не пијат кафе.
Интересно е што луѓето кои пиеле кафе во текот на денот имале ист ризик како и оние кои воопшто не го консумирале.
Во уредничкиот текст што го придружуваше трудот, професорот Томас Ф. Лишер истакна дека „генерално, мора да ги прифатиме сега веќе значителните докази дека пиењето кафе, особено наутро, е веројатно здраво“. Неговиот заклучок е јасен: „пијте го кафето, но правете го тоа наутро“.