По мрачните зимски месеци, пролетното сонце носи вистинско олеснување. Но, освен што ја будат природата, сончевите зраци можат да направат чуда и за нас. Посебно вредно е нежното, утринско сонце кое не гори, туку нежно го осветлува лицето и го полни телото со енергија.
Не ви треба еден час сончање – само неколку минути можат позитивно да влијаат на вашето тело и ум. Утринското сонце не само што е пријатно, туку има и научно докажани здравствени придобивки. Ако се изложите на тоа веднаш по будењето, или со излегување надвор или едноставно стоејќи покрај прозорецот, можете да стимулирате голем број процеси во телото кои ќе ви го подобрат денот. Еве зошто треба да ги одвоите тие пет минути за да ги впиете сончевите зраци.
Го подобрува расположението и го намалува стресот
Утринската сончева светлина природно го стимулира производството на серотонин, хормонот на среќата. Овој хормон игра клучна улога во нашето расположение, помагајќи да се намали стресот и анксиозноста. Кога ги фаќаме првите сончеви зраци наутро, нашето тело добива сигнал дека е време да се разбудиме и да бидеме активни, што може да ја спречи утринската тромост и нервоза.
Промовира подобар сон
Можеби звучи необично, но неколку минути утринска сончева светлина може да ви помогне да спиете подобро навечер. Природната светлина наутро помага во регулирањето на деноноќниот ритам – внатрешниот биолошки часовник кој одредува кога ќе се будиме и кога ќе спиеме. Ако телото добива доволно светлина рано наутро, полесно ќе се препознае кога е време за спиење навечер, што значи дека ќе заспиете побрзо и ќе имате подобар ноќен сон.

Го зајакнува имунитетот
Сонцето е наш природен сојузник во зајакнувањето на имунитетот, најмногу поради неговото влијание врз производството на витамин Д. Иако на телото му треба повеќе време на сонце за значително производство на овој витамин, само неколку минути утрински зраци можат да помогнат во неговото активирање.
Ја зголемува енергијата и концентрацијата
Ако наутро ви се спие и ви е тешко да се фокусирате, наместо веднаш да посегнете по кафето, излезете на балкон или прошетајте неколку минути на сонце. Сончевите зраци го активираат кортизолот, хормон кој не буди и помага во одржување на енергијата во текот на денот.
Го подобрува здравјето на кожата
Умереното изложување на сонце може да има позитивни ефекти врз здравјето на кожата. Утринското сонце е понежно и помалку агресивно од попладневното сонце, а неговите зраци можат да помогнат во намалување на воспалението и подобрување на состојбите на кожата кај луѓето со егзема, псоријаза или акни.