КОГА ЌЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ СЕРГЕЈ ЛАВРОВ ЌЕ ДОЈДЕ ВО СКОПЈЕ ? Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје се доближува, а конкретен одговор нема

Како што се доближува претстојниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје, се повеќе се поставува прашањето дали министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, ќе допатува во Македонија, но и како ќе допатува до Македонија, бидејќи нашето небо е затворено за руски авиони и авио-компании како дел од санкциите поради војната во Украина.

На оваа тема токму денес зборуваше и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој одговарајќи на новинарски прашања изјави:

Се процесираат апликациите и во наредните денови, очекувам некаде до среда-четврток, да имаме конечна одлука“.

Бујар Османи

Се уште не е дефинирано кој ќе ја предводи делегацијата на Руската Федерација на состанокот на ОБСЕ, со оглед на затворениот воздушен простор кај нас и во соседните земји за високите претставници на руските власти. 

На 30. Министерски совет на ОБСЕ, кој ќе се одржува од 29. ноември до 1. декември во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, ќе учествуваат 76 делегации од земји-членки и партнери на ОБСЕ и се очекуваат 1.000 гости во делегациите.

Бујар Османи денес, по промовирањето пригодна поштенска марка по повод големиот настан, изјави дека е задоволен од динамиката на организирањето на состанокот, подготовките се при крај и дека остануваат да се завршат одредени детали во наредните денови.

Секој ден има нови делегации што го потврдуваат присуството и задоволен сум од тоа што го имаме досега. Очекувам најголем број од министрите на ОБСЕ да бидат присутни во Скопје бидејќи и така ќе биде историски министерски совет“, додаде првиот човек на македонската дипломатија и претседавач на ОБСЕ