КОДНО ИМЕ “АТМ“ – Голема заедничка полициска акција во Босна и Херцековина и Словенија, повеќе од 50 осомничени
Во вторникот, полициските службеници во Босна и Херцеговина (БиХ) и Словенија започнаа заедничка акција против членовите на мрежата за организиран криминал што дејствувала во двете земји, потврдија за тамошните медиуми во текот на денот претставници на Државната агенција за истрага и заштита на Босна и Херцеговина (СИПА).
Како што се наведува во соопштението, акцијата била насочена против лица инволвирани во организиран криминал и „перење“ пари.
Во акцијата под кодно име „ATM“, 30 локации во двете земји се цел на полициски претреси, додека полицијата во Босна и Херцеговина претресува 13 локации на подрачјето на Сараево и Зеница.
Повеќе од 50 лица се осомничени за разни кривични дела, а по сите се распишани потерници.
„Во тек се активности за прибирање податоци за средствата што осомничените ги имаат на нивните банкарски сметки и сефови“, се наведува во соопштението за медиумите.
Полициите во БиХ и Словенија акцијата ја спроведуваат во координација и соработка со агенцијата на Европската унија за правна помош Еуројуст, а истрагата заеднички ја водат државните обвинителства во Сараево и Љубљана.