Кодот на Да Винчи: Ремек-делото на легендата оддаде уште една тајна

„Мона Лиза“ оддаде уште една тајна.

Користејќи рендгенски зраци за да ѕирнат во хемиската структура на мала дамка од прославеното уметничко дело, научниците добија нов увид во техниките што Леонардо да Винчи ги користел за да го наслика својот револуционерен портрет на жената со извонредно загадочна насмевка.

Истражувањето, објавено во списанието на Американското хемиско друштво, сугерира дека познатиот љубопитен, учен и инвентивен италијански ренесансен мајстор можеби бил особено е расположен за експерименти кога почнал да работи на „Мона Лиза“ на почетокот на 16 век.

Рецептот со маслена боја што Леонардо го користел како основен слој за да го подготви панелот од дрво од топола се чини дека бил различен за „Мона Лиза“, со сопствен карактеристичен хемиски потпис, откри тимот на научници и историчари на уметност во Франција и Британија.

„Тој беше некој кој сакаше да експериментира, а секоја негова слика технички е сосема различна “, рече Виктор Гонзалес, водечки автор на студијата и хемичар во највисокото француско истражувачко тело, ЦНРС.

Гонзалес ги проучувал хемиските состави на десетици дела на Леонардо, Рембрант и други уметници.

„Во овој случај, интересно е да се види дека навистина постои специфична техника за основниот слој на „Мона Лиза““, рече тој во интервју за новинската агенција Асошиетед прес.

Поточно, истражувачите пронајдоа ретко соединение- плумбонакрит во првиот слој на боја кој Леонардо го користел за Мона Лиза.

Откритието, рече Гонзалес, за прв пат го потврди она што историчарите на уметноста претходно само го претпоставуваа: дека Леонардо најверојатно користел оловен оксид во прав за да ја згусне и да помогне во сушењето на бојата додека почнувал да работи на портретот кој сега гледа од зад заштитното стакло во музејот Лувр во Париз.

Кармен Бамбах, специјалист за италијанска уметност и куратор во Метрополитен музејот на уметност во Њујорк, која не беше вклучена во студијата, го нарече истражувањето „многу возбудливо“ и рече дека секој научно докажан нов увид во техниките на сликање на Леонардо е „исклучително важна вест за светот на уметноста и нашето пошироко глобално општество“.

Наоѓањето на пломбонакрит во „Мона Лиза“ го потврдува „духот на Леонардо на страсно и постојано експериментирање како сликар – тоа е она што го прави безвременски и модерен“, рече Бамбах.

Фрагментот од бојата од основниот слој на „Мона Лиза“ што беше анализиран беше едвај видлив со голо око, не поголем од дијаметарот на човечко влакно, и дојде од горниот десен раб на сликата.

Научниците ѕирнаа во нејзината атомска структура користејќи рендгенски зраци во синхротрон, голема машина која ги забрзува честичките речиси до брзината на светлината. Тоа им овозможило да го откријат хемискиот состав на дамката.

Плумбонакритот е нуспроизвод на оловниот оксид, што им овозможува на истражувачите да кажат со поголема сигурност дека Леонардо најверојатно го користел прашокот во неговиот рецепт за боја.

„Плумбонакритот всушност е отпечаток од неговиот рецепт“, рече Гонзалес. „Тоа е првпат да можеме хемиски да го потврдиме тоа“.

По Леонардо, холандскиот мајстор Рембрант можеби користел сличен рецепт кога сликал во 17 век, Гонзалес и други истражувачи претходно исто така пронајдоа плумбонакрит во неговата работа.

„Тоа исто така ни кажува дека тие рецепти се пренесувале со векови“, рече Гонзалес. „Тоа беше многу добар рецепт“.

Се смета дека Леонардо го растворил оловниот оксид во прав, кој има портокалова боја, во ленено или оревово масло со загревање на смесата за да се добие погуста паста што побрзо се суши.

„Она што ќе го добиете е масло кое има многу убава златна боја“, рече Гонзалес. „Тече повеќе како мед.

Но „Мона Лиза“ – за која Лувр вели дека е портрет на Лиза Герардини, сопруга на трговец со свила од Фиренца како и другите дела на Леонардо сè уште имаат други тајни да кажат.

„Има многу, многу повеќе работи за откривање, сигурно. Едвај ја загребавме по површината“, рече Гонзалес. „Она што го кажуваме е само една мала цигла повеќе во ѕидот на знаењето“.