Мажите од западните покраини на Германија, Северна Рајна-Вестфалија и Сар, добиваат највисоки пензии во Германија. Ова го покажува пензискиот атлас на Германското пензиско осигурување.
Просечната старосна пензија на мажите со најмалку 35 години стаж во Северна Рајна-Вестфалија беше околу 1.923 евра бруто минатата година . Во Сар беше околу 1.920 евра, што е повеќе од 100 евра над националниот просек.
На ниво на цела Германија просечната пензија за мажи со најмалку 35 години стаж била 1.809 евра бруто , а за жени 1.394 евра или вкупен просек од 1.623 евра, пренесува ДПА.
Сар и Северна Рајна Вестфалија водат и кога се земаат предвид женските пензии со просечни 1.741 и 1.708 евра.
Причината за релативно високите пензии во овие провинции, според извештајот, лежи во претходно добро платените работни места во рударската индустрија. Високите плати од тој период сега се одразуваат на пензиите.
На дното на листата се источногерманските покраини – Саксонија со просечни 1.529 евра, Мекленбург-Западна Померанија со 1.527 евра, Саксонија-Анхалт со 1.515 евра и Тирингија со 1.509 евра.
И покрај значителното зголемување на бројот на исплатени пензии, стапката на придонеси за пензиско осигурување денес е пониска отколку на крајот на минатиот век, се вели во извештајот. Во 1997 година изнесуваше 20,3 отсто, додека денес е 18,6 отсто.
Демографските промени во изминатите години беа надминати без зголемување на стапката на придонеси.
Причината за тоа, меѓу другото, лежи во значителното зголемување на вработеноста на жените и старите лица, како и на миграцијата. Германското пензиско осигурување лани исплатило вкупно 25,9 милиони пензии.
Околу 6,6 отсто од тие пензии отишле во странство, што изнесува приближно 1,7 милиони исплати.
Околу 86 отсто од сите пензии исплатени во странство добиваат државјани на други земји кои со стекнување права преку плаќање придонеси ги исполниле своите пензиски услови.
Најголемата група меѓу нив се Италијанците – околу 349.000 од нив добиваат пензија од германското пензиско осигурување.