Колку би чинел iPhone ако бил произведен во САД наместо во Кина?

Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе ги врати сите работни места и фабрики во САД, а воведувањето царини за речиси сите земји во светот го нарече „Ден на ослободувањето“.

Сепак, тој вчера ја продолжи примената на овие тарифи за 90 дена, за сите освен Кина, кои ќе ги плаќаат крајните потрошувачи во САД. Тој и неговите соработници уверуваат дека последица од воведувањето тарифи ќе биде отворањето на бројни работни места во производството во САД, при што ќе се вработат милиони Американци.

Но, Ден Ајвс, глобален шеф за технолошки истражувања во фирмата за финансиски услуги Wedbush Securities, изјави за CNN дека идејата е мит.

Според него, iPhone би можел да чини три пати повеќе од сегашните 1.000 долари доколку се произведува во САД. Како причина за ова, тој посочи дека треба да се реплицира сложениот производствен систем што моментално постои во Азија.

„Тие би изградиле синџир на снабдување во фабриките во Западна Вирџинија и Њу Џерси. Тоа би бил iPhone од 3.500 долари“, истакна Ајвс, мислејќи на високотехнолошките производствени капацитети кои обично прават компјутерски чипови за електронски уреди.

Тој проценува дека на Apple, кој го произведува iPhone, ќе му требаат 30 милијарди долари за да премести само 10 отсто од синџирот на снабдување.

Производството и монтажата на делови за паметни телефони беше преместено во Азија пред неколку децении, имајќи предвид дека американските компании главно се фокусираа на развој на производи и дизајн, со што генерираа многу повисоки профитни маржи. На тој начин Apple стана една од највредните компании во светот и глобален лидер во производството на паметни мобилни телефони.

Вредноста на акциите на оваа компанија е намалена за 25 отсто од инаугурацијата на Трамп за претседател во јануари, поради загриженоста за влијанието на царините врз производството, кое во голема мера зависи од Кина и Тајван. Имено, 90 отсто од iPhone-ите се склопуваат во Кина.

„Затоа велам погледнете што се случи со акциите бидејќи ниту една компанија не е погодена посилно од (градот во Калифорнија во Силиконската долина) Купертино и Apple од тарифниот конфликт. Тоа е економски Армагедон, особено за технолошката индустрија“, истакна Ајвс.

Чиповите што го напојуваат iPhone најчесто се произведени во Тајван, додека неговите екрани најчесто се направени во Јужна Кореја. Некои други делови се произведуваат во Кина, а финалната монтажа е исто така во Кина.

Во февруари, Apple објави дека ќе инвестира 500 милијарди долари во САД во следните четири години, како дел од напорите да го прошири производството надвор од Кина и да ги избегне тарифите на Трамп.

Технолошките аналитичари се согласуваат дека цените на iPhone најверојатно ќе пораснат, дури и ако продолжи да се произведува таму каде што се произведува. Од њујоршката инвестициска банка Rosenblatt Securities процениле дека овој мобилен телефон би можел да биде поскап за 43 отсто доколку Apple целосно го префрли плаќањето на давачките на крајните потрошувачи.

Понатаму, Нил Шах, потпретседател за истражување во Counterpoint Research, процени дека овој уред би можел да биде поскап за повеќе од 30 проценти, а висината на зголемувањето ќе зависи од тоа каде е произведен.

Apple претходно се обиде да ги диверзифицира своите производствени бази од Кина до Индија, односно се обидуваше да има производство во повеќе земји за да ја намали цената на неговиот мобилен телефон. Така дел од производството започна во Индија и Бразил. Сепак, Шах верува дека фабриките во овие земји нема да можат да го компензираат недостатокот што би го предизвикал прекинот на производството во Кина, пишува Си-Ен-Ен.