Кардиоваскуларните заболувања се најчеста причина за смрт на глобално ниво. Секоја година во светот од кардиоваскуларни заболувања умираат речиси 18 милиони луѓе. Се проценува дека до 2030 година оваа бројка ќе стигне до 23,6 милиони луѓе.
Анализите покажуваат дека осумдесет проценти од сите срцеви заболувања можат да се спречат. Во продолжение по повод Светскиот ден на срцето 29 Септември презентираме колку луѓе во земјите од регионот имаат срцеви заболувања. Државите имаат различни параметри на пресметка (заболени и починати од кардиоваскуларни заболувања) а се разликуваат и во поглед на достапноста на податоците.
Над 9 000 починати од циркулаторни заболувања во Северна Македонија
Според податоците на Државниот завод за статистика во Северна Македонија во 2022 година починале 22 459 лица. Од нив најголем дел или 41,3 проценти починале од болести на циркулаторниот систем. Односно од циркулаторни заболувања починале 9275 лица.
50 000 луѓе во Србија годишно умираат од срцеви заболувања
Во Србија бројот на починати од срцеви заболувања е далеку поголем. Податоците на јавните здравствени институции велат дека се работи за околу 70 000 луѓе со некој вид на срцево заболување и над 50 000 смртни случаи годишно. Во 2021 година од срцеви заболувања починале 56 610 луѓе.
Бројката во БиХ надминува 15 000
Во Босна и Херцеговина причина за секој втор смртен случај се кардиоваскуларните заболувања. Вкупниот број на починати од срцеви заболувања во двата ентитети на државата надминува 15 000. Во федерацијата БиХ во 2022 година од срцеви заболувања починале 10 449 лица додека во Република Српска 5 531 лице.
1 000 кардиоваскуларни заболувања годишно во Црна Гора
Податоците од Институтот за јавно здравје на Црна Гора покажуваат дека во таа држава годишно над 1 000 лица заболуваат од кардиоваскуларни заболувања. Минатата година според податоците за акутниот коронарен синдром се работело за 1 420 лица. Од кардиоваскуларни заболувања починале 214 луѓе.
Над 14 000 смртни случаи во Албанија
Во Албанија половина од смртните случаи во 2020 година се предизвикани од срцеви заболувања. Па така произлегува дека 14 422 лица во државата починале од овие причини.
560 пациенти за три месеци побарале лекарска помош во Косово
Достапните податоци за Косово произлегуваат од клиниката за кардиохирургија. Таму за шест месеци во 2022 година биле примени околу 3 000 пациенти, а над 100 луѓе починале. Во последните три месеци помош побарале 560 луѓе односно шест пациенти секој ден. Овие податоци во интервју за косовските медиуми ги соопшти Фисник Хима, кардиолог во Клиниката за кардиохирургија во Косово.
ТРТ БАЛКАН