Колку пари ќе добијат домашните музичари за концертот во Куманово: Од 6.500 евра за шест песни, до 200 евра за две песни
Откако се објави веста дека Општина Куманово ангажирала над 20 домашни музичари, кои ќе настапат во недела на градскиот плоштад по повод 80 години од ослободувањето и 505 години од формирањето на градот, во јавноста се актуелни реакциите околу хонорарите на изведувачите.
Имено, директорот на Фондацијата за култура и спорт при Општина Куманово, Марио Арангеловски на прес конференција првично истакна дека за настапите се обезбедени 30.000 евра, но не го откри точниот износ на хонорарите на секој од нив поединечно, бидејќи тоа било деловна тајна.
Сепак, како што подоцна појасни средствата во висина од 30.000 евра наменети за пејачите биле обезбедени од општинскиот буџет, и точната сума која ќе биде исплатена на секој пејач поединечно, ќе била транспарентно споделена на седница на кумановскиот Општински Совет.
-Се работи за еден поинаков концепт на настанот, значи некои пејачи ќе изведат по две- три песни, некои по повеќе, па затоа од нивна страна бев замолен јавно да не ги соопштувам нивните хонорари, да не им се руши цената која вообичаено ја бараат за неколку часовен настап.
Им излегов во пресрет, но сепак пред Советот на општината ќе бидат приложени точните суми кои секој од нив ги добил за учество во настанот.
Можам да кажам дека најнискиот хонорар изнесува 12.000 денари, односно околу 200 евра, а пак највисокиот, за изведувач кој ќе отпее шест песни, изнесува 400.000 денари, односно околу 6.500 денари.
Некои од изведувачите ќе пеат во живо со придружба од Фис Бенд, додека пак некои ќе пеат на матрица, појаснува Арангеловски.
Исто така, тој истакна дека и останатите општини треба да го следат примерот на Куманово и да ангажираат домашни изведувачи на општинските манифестации, за да останат парите во земјава, и музичарите да можат потоа да ги вложат во нови материјали, да творат и да произведуваат квалитетна домашна музика.
Инаку, на прославата ќе настапат Владо Јаневски, ДНК, Тамара Тодевска, Ламбе Алабаковски, Антониа Гиговска, 2 Бона, Слаткаристика, ИвонаЈо, Наум Петрески, Маргица Антевска, Пајак, Марио Арангеловски, Куку Леле, Мартија Станојковиќ, Лука Чомбе, Миле Кузмановски, Нино Величковски, Лара Иванова, Мартинијан Кириловски и Шпенд Латифи.
Водител ќе биде Стефан Лазаров, диџеј Боно ќе пуштал музика на оние ќе настапат на матрица, а пак оние кои ќе пеат во живо ќе ги придружувал Фис Бенд.
Концертот ќе трае од 20 часот до околу 23.30 часот.