Колку повеќе ладиме, станува уште пожешко на планетата земја

Деновиве почнаа горештини во нашата земја со температури на воздухот повисоки од вообичаено просечните во месец јуни. Да потсетам дека 2023 беше глобално најтопла година до сега откако се мери температурата на воздухот во минатото. Но скоро на половина од 2024 година измерените температури во светот покажуваат уште повисоко покачување во споредба со претходната година. Липите во Скопје процветаа во мај, а јас од дете се сеќавам дека тие цветаат во јуни кога почнува школскиот распуст.

Високите температури ги загрозуваат здравјето и животите на многу милиони луѓе, и затоа тие тогаш ги вклучуваат своите клима уреди (оние што ги имаат). Притоа се троши електрична енергија, а електричните мрежи се оптоваруваат, некогаш до максимум.

Рекордно високите температури ја поттикнуваат побарувачката (купувањето) на опрема за климатизација, а со тоа се зголемува потрошувачката на електрична енергија. Бидејќи поголемиот дел од електричната енергија се произведува со согорување на фосилни горива, како последица на тоа се зголемуваат емисиите на стакленички гасови кои го прават светот уште пожежок со што се создава еден вид на маѓепсан круг.

Побарувачката за клима уреди најбргу се зголемува во земјите во развој каде што мал број на домаќинства поседуваат такви уреди. Според Меѓународната агенција за енергија (IEA) во САД и Јапонија повеќе од 90% од домаќинствата имаат клима уреди, додека во Југоисточна Азија само 15%. Тој број е околу 5% во Индија и Африка. Во најжешките делови на светот живеат околу 2,8 милијарди луѓе, а само 10% од нив имаат пристап до клима уред или други опции за ладење во своите домови.

Кога расте потребата за ладење, зголемената употреба на клима уредите го оптоварува електроенергетскиот систем во земјата. Во екстремни случаи може да дојде до преоптоварување и “пад“ на системот.

Ладењето претставува околу 10% од светската потрошувачка на електрична енергија, но тоа не се одвива рамномерно во светот. Во потоплите земји, тоа може да доведе до зголемена потрошувачка на електрична енергија за повеќе од 50% во текот на летото. Во најжешките региони, капацитетот на мрежата треба да покрие скоро двојно зголемување на потрошувачката на електрична енергија во споредба со поблагите месеци.

Одвреме навреме се случуваат глобални енергетски кризи при што се покачува цената на електричната енергија, а тоа се одразува на џебот на корисниците на клима уредите при плаќањето на сметките за потрошена ел. енергија. На големината на тие сметки влијае и квалитетот на клима уредите, најмногу изразен преку нивната енергетска ефикасност. Во многу земји, вклучувајќи ја и РМ, се донесени прописи за задолжителна ознака на апаратите што трошат ел. енергија. Воведени се енергетски класи (А+, А, В, …, F) каде што А+ е најдобра. Веројатно уредите со најдобра класа се поскапи, но по 2 до 3 години разликата во пари се враќа заради помала потрошувачка на енергија. Во ЕУ и САД при производството на клима уредите мора да се применуваат задолжителни стандарди за минимални енергетски карактеристики.

Во контекст на енергетската ефикасност треба да се истакне значењето на истата кај изградбата на становите (зградите) така што тие треба да имаат добра топлинска изолација на ѕидовите и квалитетни прозорци. На тој начин драстично се намалува потребниот ладилен капацитет на просториите, а со тоа и цената на клима уредот и неговата потрошувачка на ел. енергија. Затоа, при изборот на системот за ладење треба да се направи консултација со стручно лице, а купувањето на опремата е пожелно да биде од специјализирана продавница.

Намалувањето на потребниот капацитет за ладење ја намалува електричната моќност на клима уредите, а со тоа се олеснува оптоварувањето на електричната мрежа, односно има услови за постабилен електроенергетски систем на локално ниво и вкупно во земјата.

Во клима уредите се користат специјални ладилни флуиди, како што се флуоројаглеводородите (HFC) наречени и F-гасови. Тие се моќни стакленички гасови кои исто така придонесуваат за глобалното затоплување на планетата. Веќе неколку децении полека се воведуваат алтернативни флуиди со помал потенцијал на глобално загревање.

Во летниот период во градовите се јавува и т.н. урбан топлински остров како последица на поголеми површини од асфалт и бетон (познато и како бетонизација) кои се загреваат од сончевото зрачење, а потоа тие вршат дополнително топлинско зрачење на непосредната околина. На ова треба да се додаде и топлината што клима уредите ја предаваат на околниот воздух. Заради ова, температурата во одредени делови од градот (во топлинските острови) е за неколку степени целзиусови повисока отколку во околината каде што претежно има зеленило.

Пред неколку децении во РМ имаше мал број на инсталирани клима уреди. Но во последниве години нивниот број рапидно се зголемува така што при големи горештини преку лето потрошувачката на електрична енергија е многу зголемена. Во РМ потребите за електрична енергија вообичаено се поголеми во зимскиот период, но кога има горештини потребите се големи и во летниот период.

На крај кратко да резимирам: при повисоки надворешни температури се зголемуваат потребите за ладење на просториите, а тоа предизвикува поголемо глобално загревање, станува пожешко. А за да се намали тоа влијание потребен е посебен приод од повеќе аспекти: мерки на меѓународно и национално ниво, паметна урбанизација, зголемување на енергетската ефикасност на зградите и опремата за ладење, обука на стручни лица, соодветни информации кон граѓаните итн.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

11.06.2024