Командантот на НАТО корпусот за брзо распоредување во посета на Генералштабот на Армијата и МО

Командантот на НАТО корпусот за брзо распоредување во Италија, генерал-потполковник Лоренцо Ди Адарио, денеска престојуваше во работна посета на Генералштабот на Армијата и на Министерството за одбрана.

Генералот Ди Адарио, како информираа од ГШ на Армијата, оствари средби со министерката за одбрана Славјанка Петровска и својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, по што следуваа официјални разговори во присуство на делегацијата од НАТО корпусот и персонал од армискиот ГШ.

На средбата со началникот на Генералштабот и со министерката за одбрана стана збор за улогата на Силите за брзо распоредување на НАТО, како и за нашето вклучување кон Меморандумот за разбирање со земјите контрибутори во овие сили, со што го даваме нашиот придонес во јакнење на колективната сигурност на НАТО.

На работниот состанок во Генералштабот, делегацијата имаше можност да се запознае со актуелните процеси и активности кои се одвиваат во Армијата во областа на развој на способностите преку опремување и модернизација, нашиот придонес во операциите на НАТО, како и плановите за развивање на капацитетите на АП Криволак. Притоа се разгледуваа и можностите за меѓусебна соработка и вклучување на наши армиски припадници во користење на современи системи во подготвителна обука“, се наведува во соопштението.

Генералот Ѓурчиновски за време на состанокот истакна дека ќе се подобруваат и развиваат способностите поврзани со учеството на НАТО силите за зајакнато истурено присуство каде е вклучен и овој корпус.

Генералот Ди Адарио во текот на дискусијата посочи дека понатамошните заеднички активности уште повеќе ќе придонесат во развојот на нашите способности обученоста и интероперабилноста при ангажирање во операциите на НАТО.

За време на посетата, делегацијата на НАТО корпусот за брзо распоредување ќе го посетат и Баталјонот за специјални сили во касарната „Илинден“, каде ќе се запознаат со капацитетите и способностите на оваа единица, а ќе присуствуваат и на воено-показна вежба. Како што е најавено, генералот Ди Адарио ќе оствари средба и со командантот на Командата за операции, бригадниот генерал, Бесник Емини.

Посетата е со цел понатамошно интензивирање на соработката со оваа Команда на силите на НАТО за брза интервенција, која се иницираше за време на минатогодишната посета на генералот Ѓурчиновски на оваа Команда во Милано и на Вооружените сили на Италија