Комисијата за европски прашања ја заврши расправата за предложените измени на Законот за градење

 – Собраниската Комисија за европски прашања денеска ја заокружи расправата по поднесените амандмани за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка, дел од пакетот измени на пет закони поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, означени со европско знаменце.

Седницата на Комисијата треба да продолжи утре со расправа по предложените измени и дополнувања на Законот за експропријација,  а дел од дневниот ред се и предложените измени и дополнувања на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола).

Како дел од пакетот измени за доизградбата на коридорите претходно Комисијата за европски прашања ги разгледа измените на законите за работни односи, за градење и за урбанистичко планирање, сите по скратена постапка, и за нив се расправаше и на пленарна седница.