Комисијата за уставни прашања го поддржа Предлогот за пристапување кон измена на Уставот

 Со 10 гласа „за“ и седум „против“ Комисијата за уставни прашања го поддржа Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, поднесен од Владата

Комисијата за уставни прашања денес со 10 гласа „за“ и седум „против“ го поддржа Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, поднесен од Владата, пренесува Анадолу.

Во соопштението пратено од Собранието на Северна Македонија се вели дека по исцрпувањето на листата за дискусија по Предлогот за пристапување кон уставни измени и донесувањето на Заклучокот, претседателот на Собранието, Талат Џафери, како претседавач со Комисијата за уставни прашања, ја затвори првата седница на ова работно тело.

Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија, поднесен од Владата, со насоки за изменување и дополнување на Уставот, беше единствена точка на дневниот ред на првата седница на Комисијата за уставни прашања.

„Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, образложувајќи ја оправданоста на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот рече дека тој е единствено и целосно во насока на остварување на нашата консензуална и врвна стратегиска цел – членството во ЕУ, поставена уште од независноста на нашата земја во 1991 година. Предлогот, рече Ковачевски, е подготвен врз основа на Заклучоците на Собранието на Република Северна Македонија донесени на седницата на 16 јули 2022 година и Заклучоците на Советот на ЕУ и заедничкиот став на ЕУ на политичкиот состанок на меѓувладината конференција за пристапување на Северна Македонија во Унијата”, стои во соопштението.

Предлогот за пристапување кон уставни измени предвидува промени во Преамбулата на Уставот и додавање на бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.

На 19 јули претседателот Џафери го прими и веднаш го достави Предлогот до пратениците во Собранието и со оваа постапка почнаа да течат временските рокови предвидени со Уставот и Деловникот на Собранието, а во согласност со нив пленарната седница е закажана за 18 август.