Компаниите во Скопскиот регион поддржани со 1,2 милијарда денари за инвестиции

Само во Скопскиот регион, Владата има исплатено околу 1 милијарда и 200 милиони денари финансиска помош за 181 компанија преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите (ЗФПИ), изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи по посетата на компанијата „Нехо Исни“ од Скопје.

Откако ги обиколи капацитетите за производство на сладолед со што „Нехо Исни“ се занимава од 2012 година како еден од двата единствени производители на македонскиот пазар, Битиќи рече дека Планот за економски раст дава резултати и е уште една потврда за исправноста на владините политики.

– „Нехо Исни“ беше поддржана со над 6 милиони и триста илјади денари за раст на капитални инвестиции за зголемување на конкурентноста на пазарот“. Компанијата суровините за производство на сладоледот ги купува исклучиво од домашните компании, при што над 70 отсто од производството е наменето за регионалниот и европскиот пазар, а останатиот дел се пласира на домашниот пазар. Поддржувајќи ги компаниите кои користат домашни суровини ние ја промовираме одржливоста и зајакнувањето на домашната економија, бидејќи преку овој пристап се поддржуваат локалните фармери, производители и добавувачи. Ова активно придонесува за отворање нови работни места и економски раст, истакна вицепремиерот.

Според него, финансиската помош за „Нехо Исни“ резултираше со 40 нови вработувања.

-Денес компанијата вработува 90 лица од кои 40-тина се креирани за времетраење на инвестицискиот проект од 2018 до 2022 година. Нашата стратегија преку Законот за финансиска поддршка на домашните компании е да ги идентификуваме секторите кои можат да имаат додадена вредност за да бидат поконкурентни не само на домашниот пазар, туку и во странство, изјави Битиќи.

Менаџерот на компанијата Орхан Шаќири се заблагодари за финансиската помош за која рече дека за нив е од особено значење во делот на проширување на капацитетите и нови вработувања. Тој воедно ги охрабри компаниите да влегуваат во нови инвестициски циклуси кои ќе резултираат со нови работни места.