Кинеската компанија за играчки „Поп Март“, која стои зад исклучително популарните кукли „Лабубу“, објави дека нејзината добивка нагло се зголемила во првите шест месеци од оваа година.
Компанијата со седиште во Пекинг изјави дека профитот се зголемил за 350 проценти, а приходите се зголемиле повеќе од трипати.
„Поп Март“, кој има пазарна вредност од над 40 милијарди долари, исто така изјави дека профитабилноста е зголемена од зголемената глобална препознатливост на брендот и контролата на трошоците.
Иако куклите Лабубу беа лансирани на пазарот во 2019 година, тие доживеаа вистинска пазарна ренесанса оваа година. Бројни колекционери, деца, но и возрасни, се опседнати со куклите Лабубу, а доказ за тоа е фактот што речиси 40 проценти од вкупните приходи на компанијата во 2024 година дојдоа од продажба надвор од Кина.
Многу продавници низ целиот свет мораа да ја паузираат продажбата на куклите Лабубо поради огромната побарувачка.
Партнерствата на „Поп Март“ со големи имиња како „Кока-Кола“ и франшизата за манга „Уан Пис“, исто така, го подобрија моменталниот статус на куклите „Лабубу“.
Во јуни, продажбата на „Лабабу“ во САД се зголеми за 5.000 проценти во споредба со претходната година.
„Не сме виделе ништо вакво кај други компании“, изјави аналитичарот Винчи Жанг за Би-Би-Си.
Популарноста на Лабубу, исто така, поттикна зголемување на бројот на фалсификати, честопати нарекувани „кукли Лафуфу“.
Кинеските власти запленија повеќе од 46.000 фалсификувани играчки од марка Лабубу во јуни, како дел од акцијата за борба против растечкиот црн пазар на кукли.