Компанијата чиј авион се урна во Индија ќе им исплати 100.000 евра на семејствата на секое загинато лице
Компанијата Тата Груп, сопственик на Ер Индија, објави дека ќе обезбеди 10 милиони рупии, или близу 100.000 евра, на семејствата на секое лице кое загина во денешната авионска несреќа во западна Индија, објави компанијата на мрежата X.
„Исто така, ќе ги покриеме медицинските трошоци на повредените и ќе се погрижиме тие да ја добијат целата потребна грижа и поддршка“, се додава во соопштението.
Тие, исто така, ветија дека ќе обезбедат поддршка во изградбата на хостелот „БЈ Медикал“, кој беше погоден од авион кратко по полетувањето од аеродромот.
Патем, „Ер Индија“ беше купена од индискиот мултинационален конгломерат „Тата груп“ во 2022 година, што се смета за историско враќање дома.
Авиокомпанијата првично беше основана од JRD Tata во 1932 година, пред да биде национализирана во 1953 година. Договорот од 2022 година го означи враќањето на Air India кај нејзините првобитни сопственици по речиси 70 години државна контрола.
Да ве потсетиме дека во падот на авионот на оваа компанија утрово загинаа најмалку 290 лица. Иако првите информации од локалната полиција велеа дека сите 242 лица од авионот загинале, најновите извештаи велат дека еден патник преживеал. Станува збор за британско-индискиот државјанин Вишваш Кумар Рамеш. Се верува дека повеќе од десетина лица од зградата каде што падна авионот се повредени.
Индискиот министер за воздухопловство Кинџарапу Рам Мохан Наиду по несреќата изјави дека е „шокиран и скршен“.
„Ние сме во највисока состојба на подготвеност“, додаде тој и истакна дека се мобилизирани спасувачки екипи.
Самата авиокомпанија ја објави трагедијата порано денес.
„Летот, кој полета од Ахмедабад во 13:38 часот, превезуваше 242 патници и членови на екипажот на Боинг 787-8. Од нив, 169 беа индиски државјани, 53 британски државјани, еден канадски државјанин и седум португалски државјани“, беше објавено со потврда дека авионот се урнал.