Конфликт околу изборот на нов митрополит во Охрид: Наместо Партениј, се предлага монахот Георгиј. За утре најавени протести
Изборот за нов митрополит на Охридската архиепископија предизвикува силни реакции во јавноста и во редовите на верниците. Иако долго време се очекуваше архимандрит Партениј од Бигорскиот манастир да биде именуван за наследник на охридската катедра, последните информации од Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) навестуваат неочекуван пресврт.
Според црковни извори, religija.mk објавува дека за нов митрополит се предлага монахот Георгиј – духовник кој досега не бил широко присутен во јавноста, но наводно ужива голема доверба меѓу дел од членовите на Синодот. Оваа најава предизвика незадоволство и поделби, особено меѓу поддржувачите на епископот Антаниски Партениј, кој го сметаат за еден од најпочитуваните и највлијателни духовници во земјава.
Приврзаниците на епископот Атанасиски Партениј сметаат дека тој важи за клучна фигура во обновата на монаштвото во Македонија. Со својот харизматичен пристап, активна улога во духовното, културното и социјалното живеење, тој ужива огромна почит и меѓу свештенството и кај народот. Препознатлив по својата умереност, говор на љубов и толеранција. Верниците често го споменувале како природен наследник за повисоки црковни функции.
Кој е монахот Георгиј?
Отец Георгиј е духовник кој потекнува од поново монашко поколение. Тој не е широко познат во јавноста. Бил декан на Богословскиот факултет и ексамбасадор во Ватикан. Ѓоко Ѓоргевски беше замонашен на 27 мај. Следниот ден на 28 е прогласен за јероѓакон, а денеска избран за јеромонах.
Некои извори укажуваат дека зад неговата кандидатура стои влијателна струја во Синодот која настојува да промовира нови духовници, наводно со цел „обнова и подмладување“ на епископатот.
Реакциите на верниците се поделени: едни сметаат дека Партениј, со својата духовна харизма и со деценискиот ангажман, природно треба да биде поставен на чело на една од најзначајните епархии. Други пак, повикуваат на смиреност и доверба во одлуките на Синодот.
Очекувањата се дека конечната одлука ќе биде соопштена наскоро, а додека тоа се случи, дебатата околу тоа кој ќе ја понесе митрополитската титула продолжува да ја бранува јавноста.
Според предлогот на Архиепископот, монахот Георгиј на 12 јуни треба да биде избран за Епископ и за Митрополит, после само 16 дена од замонашувањето.
За утре се најавени протести.
Организаторите на утрешниот протест против начинот на избор на митрополит на Дебарско-кичевската епархија и официјално го најавија протестот пред резиденцијата на поглаварот на МПЦ-ОА.
Во соопштението испратено до медиумите го предлагаат епископот Антаниски Партениј за нивни кандидат за избор на Митрополит. Велат дека црквата е народот, а народот има свој кандидат.
Протестот е закажан во 12 часот пред резиденцијата во Криви Дол на Кале.
Во продолжение соопштентео интегрално:
Црквата е народот, а народот има свој кандидат! Утре на 31-ви Мај (Сабота) од 12 ч. пред резиденцијата на Архиепископот г.г. Стефан во Кривидол ќе се одржи мирен народен собир под мотото ,,Гласот на народот – глас на Бога”.
Верниците на МПЦ-ОА од неколку градови во Македонија, организираат мирен собир со цел поддршка за предлог на епископ Партениј како кандидат за митрополит на Дебарско-кичевската епархија, но и поради начинот на избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Верниците се зачудени како Архиепископот со еден кандидат како предлог се оддржува избор?! Избор! Меѓутоа, за да има избор треба да предложите повеќе кандидати!? Избор со еден кандидат е парадокс, а тој кандидат не е Викарниот Епископ Антаниски со 30 години монашко искуство! Црквата е народот, без народ нема ни Црква!, стои во соопштението.