Координација на советничките групи во Град Скопје, Арсовска треба да го презентира планот за излез од кризата
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска се очекува денеска на средба со координаторите на советничките групи да го презентира планот за излез од кризата во главниот град. Средбата на координаторите ја закажал претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески.
Очекувањата на првите луѓе на советничките групи се таа да презентира план за состојбата во „Комунална хигиена“ и хигиената во главниот град, но и за Јавното – сообраќајно претпријатие и како да се надмине проблемот со автобусите во Скопје. Сепак, велат од советничките групи, останува да се види со каков план ќе излезе Арсовска на денешната средба, која треба да започне во 11 часот.
Синоќа во телевизиско интервју на прашањето дали денеска е рокот кога ќе ги постави предлозите за надминување на проблемите, Арсовска рече дека е апсурдно да се зборува за рокови, затоа што во државата за три дена ништо не може да се реши. Таа рече дека на средбата со премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот во Владата понудила краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија.