Министерството за одбрана на Косово објави дека преку програмата за меѓународна воена помош на САД набавило американски извидувачки беспилотни летала RQ-20 Puma.
Овие модерни капацитети ќе послужат за зајакнување на оперативните способности на Косовските безбедносни сили во областа на надзорот и беспилотните воздушни операции.
Министерот за одбрана Ејуп Македончи ја истакна важноста на оваа набавка, наведувајќи дека дроновите RQ-20 Puma се важен чекор во зголемувањето на капацитетите во областа на собирањето разузнавачки податоци и раното откривање.
„Ова е резултат на одличната соработка со Соединетите Американски Држави, нашиот незаменлив стратешки партнер“, рече Македонци.
RQ-20 Puma е мал извидувачки дрон кој се користи за дење и ноќно набљудување и собирање разузнавачки информации, благодарение на електрооптичките и инфрацрвените камери.
Може да лета до 2 часа и да помине растојание од околу 20 километри, што го прави погоден за разни операции, а благодарение на електричниот погон, е многу тивок и тешко се забележува.