– Денес на свечена церемонија дипломираше 58-та генерација кадети на косовската полиција, при што во служба стапија 490 нови полицајци.
Церемонијата на доделување на дипломите се одржа во спортската сала „1 Октомври“, а присуствуваа и претседателката на Косово, Вјоса Османи, премиерот Албин Курти, министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечла, како и други министри и лидери на локални и меѓународни институции.
Претседателката Османи во својот говор рече дека чесно и гордо стои пред 490 кадети што дипломираат.
„Завршувањето на полициската академија не е мало достигнување. Денес докажавте дека ги поседувате потребните квалитети да ѝ служите на државата и да ги заштитите нашите граѓани“, рече Османи.
Премиерот Курти истакна дека неодамна во северниот дел на Косово биле нападнати официјални претставници на косовската полиција, додавајќи дека нивниот предизвик е предизвик на сите. Курти рече дека косовската полиција и понатаму е една од институциите во кои граѓаните имаат најголема доверба.
„Како Влада, откако ја презедовме функцијата, се заколнавме дека ќе се бориме против корупцијата. Извршени се околу 900 полициски акции и приведени се над 3.200 лица за различни кривични дела. Истиот интензитет на косовската полиција почна и на северот на нашата земја, токму поради оваа зголемена активност имаше разни напади врз полицајци, меѓу кои имаше и повредени“, нагласи Курти.
Министерот за внатрешни работи Свечла рече дека косовската полиција врши извонредна работа во одржувањето на редот и мирот во земјата.
Меѓу 490 млади полицајци што денес дадоа заклетва, 85 се од српската, бошњачката, турската и ромската заедница. Косовската полиција има околу 9.000 припадници.