Косово стана придружна членка на Парламентарното собрание на НАТО

На Собранието на Косово денеска му беше унапреден статусот од набљудувач во придружна членка на Парламентарното собрание на НАТО.

На седницата на Парламентарното собрание на НАТО, што се одржува во Софија, Бугарија, мнозинството земји гласаа за подобрување на статусот на Косово во оваа организација.Единствено Унгарија гласаше против, а 14 членки беа воздржани.

Претседавачот на косовската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, претставникот на владејачкото Движење за самоопределување Дритон Хисени најави дека ваквата одлука ја донел Парламентарното собрание на НАТО по неколкугодишна соработка со Собранието на Косово.

„Напредокот на статусот доаѓа по неколкугодишна одлична соработка меѓу Собранието на Република Косово и Парламентарното собрание на НАТО. Од јуни 2014 година сме претставени како набљудувачка делегација“, напиша Хисени на Фејсбук.

Одлуката ја поздрави и претседателката на Косово, Вјоса Османи, која преку објава на социјалните мрежи порача дека НАТО е судбината на Косово.

„Ќе продолжиме со напорите заедно со нашите сојузници да го унапредиме нашиот пат кон членство во НАТО“, рече Османи.

Парламентарното собрание на НАТО служи како важна врска помеѓу НАТО и парламентите на земјите-членки.

Се состои од 281 делегат од сите 32 земји-членки на НАТО. Покрај нив, во нејзините активности учествуваат делегати од девет асоцијативни земји, четири асоцијативни медитерански земји, како и осум парламентарни набљудувачки делегации.

Меѓу придружните членки се Србија, како и Босна и Херцеговина. Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ во писмо испратено на 26 мај ги повика членовите на Парламентарното собрание на НАТО да не одобруваат унапредување на статусот на Косово од набљудувач во асоцијативна членка.

Собранието на Косово со години беше набљудувачка делегација со два члена, но со надградувањето на статусот косовската делегација ќе може да се прошири.