Косовскиот министер за внатрешни работи бара „Цивилна одбрана“ и „Северна бригада“ да се прогласат за терористички организации

 Министерот за внатрешни работи на Косово Џелал Свечља денеска изјави дека ќе побара од Владата да ги прогласи „Цивилна одбрана“ и „Северна бригада“ за терористички организации.

На вонредната прес-конференција на која презентираше детали за запленувањето на поголемо количество оружје, експлозивни направи и муниција во Звечан, тој рече дека нема да се дозволи нестабилност на северот на Косово.

Свечља посочи дека автомобилот со белградски регистерски таблички, во кој имало големо количество оружје, експлозивни направи и муниција, бил сопственост на Српската железница.

„Сериозната работа на косовската полиција и Косовската разузнавачка агенција спречи терористички напад во Косово. На околу 100 метри од општина Звечан е идентификуван автомобил со белградски регистерски таблички во кој има големо количество оружје, експлозивни направи и разновидна муниција. Откриени се минофрлачи, гранати, автоматско оружје, гранати, униформи и воена торба“, рече Свечља. ссм/

Тој посочи дека пронајденото оружје и муниција биле наменети за извршување терористички напади врз граѓаните и институциите во Косово.

„Сето ова е уште еден доказ дека претседателот на Србија (Александар Вучиќ) преку овие групи се обидува да ја дестабилизира нашата земја“, рече Свечља и додаде дека „од сето ова е повеќе од јасно кој стои зад нападите во нашата земја“.

Свечља оцени дека во последно време Косово се соочува со „агресија од официјален Белград“.

„Особено во последно време, терористичките напади врз косовската полиција, нивните автомобили, полициски станици, нападите врз членовите на КФОР, ЕУЛЕКС и новинари се интензивираа, до бруталност врз нашите граѓани на северот на земјата“, рече Свечља.