Косовскиот премиер Курти со честитки до Мицкоски за премиерската функција

Косовскиот премиер Албин Курти упати честитка до новозибраниот македонски премиер Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека двете земји не се само соседи, туку и блиски сојузници и партнери во НАТО, ориентирани кон интеграцијата во Европската унија.

„Честитки Христијан Мицкоски на вашиот избор за премиер на Република Северна Македонија. Косово и Северна Македонија не се само соседи, туку и блиски сојузници и партнери во НАТО ориентацијата, регионалната соработка и интеграцијата во ЕУ. Од патот Призрен-Тетово до одбраната и безбедноста, со нетрпение очекувам да работам со вас за уште повеќе да ги унапредиме нашите веќе робусни билатерални односи“, напиша премиерот Курти на социјалната мрежа Х.

Во неделата Собранието на РСМ со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада чиј претседател е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) и ЗНАМ. Против Владата гласаа пратениците од Социјал-демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и Левица, а Европскит фронт предводен од Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја напушти седницата кратко пред нејзиното завршување.

Во новата влада има вкупно 20 министерства, а Владата брои 24 члена. Покрај премиерот, има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Мицкоски има пет заменици односно вицепремиери, а еден од нив ќе биде „прв вицепремиер“. Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.