Костадиновска-Стојчевска: Канцеларијата на УНЕСКО во Охрид потврда на нашите политики за зачувување на статусот на Охридскиот Регион
– Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска, во рамки на официјалната посета на Париз, оствари средба со Ернесто Отоне, помошник-генерален директор на УНЕСКО за култура и со директорот на Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Лазаре Елоунду Асомо.
Таа најави отворање канцеларија на УНЕСКО во Охрид.
-Во Охрид ќе отвориме канцеларија на УНЕСКО со што ги потврдуваме нашите заложби за јакнење, управување и промоција во зачувувањето на статусот на Охридскиот Регион, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.
На средбата беа поздравени напорите меѓу владите и националните комисии на Република Северна Македонија и на Албанија во однос на имплементација на препораките на УНЕСКО кои се однесуваат на Охридскиот Регион.
Костадиновска-Стојчевска посочи дека Владата останува целосно посветена на успешната имплементација на Конвенцијата за светско наследство и во соработка со сите релевантни државни институции, општини, како и со граѓанското општество, ги интензивира напорите за имплементација на препораките што произлегуваат од одлуките на Комитетот за светско наследство и на Реактивните мониторинг мисии.
Министерката за култура информираше и дека, како заеднички документ со Република Албанија, е доставен ажурираниот Извештај за состојбата со заштитата на Природното и културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство, со Стратегискиот план за рехабилитација на Природното и културното наследство на Охридскиот Регион (2023 – 2030).
Костадиновска-Стојчевска истакна дека сме свесни за потребата од натамошни континуирани напори во согласност со препораките за справување со идентификуваните ранливости и закани и изрази надеж дека на 45. сесија на Комитетот за светско наследство, што ќе се одржи во септември во Ријад, Саудиска Арабија, ќе се усвои одлука со која Природното и културното наследство на Охридскиот Регион ќе остане на Листата на светско наследство.
Министерката за култура се заблагодари на Центарот за светско наследство за доделената меѓународна помош со средства од Фондот за светско наследство во износ од 55.000 долари за реализација на проект на НУ Завод и музеј – Охрид, кој е од особена важност за надградба на знаењата и капацитетите на стручните лица што работат во оваа установа.
Земјава годинава одбележува 30 години од членството во УНЕСКО. Во седиштето на УНЕСКО, во Париз, од 7 до 10 февруари се одржува 16. сесија на Меѓувладиниот комитет за заштита и унапредување на разноводноста на културните изразувања. Имајќи предвид дека нашата држава не е членка на овој Комитет, но е држава членка на Конвенцијата, на состанокот ќе учествува министерката за култура Костадиновска-Стојчевска, која е и претседател на Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија, заедно со Татјана Краљевска-Лазарова, генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО, во својство на набљудувачи.