Костадиновска Стојчевска: Синдикатот да не дезинформира, туку да потврди дека културните работници за мартовската плата ќе добијат највисоко покачување
– Синдикатот да не дезинформира, туку да потврди дека културните работници за мартовската плата ќе добијат највисоко покачување до сега, напиша вечерва на својот фејсбук профил министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
-Министерството за култура најостро се спротиставува на дезинформациите и создавањето паника од страна на Синдикатот на културата на Република Македонија кон вработените во културата. Има само една вистина и таа е дека во преамбулата од Решението испратено до вработените во културата стои член 14 од Општиот колективен договор и стекнатото право за повисока плата ќе се применува и за мартовската плата. Основа за пресметка на платата е минималната плата според гранковиот колективен договор, а претходно утврденото право според општиот колективен договор продолжува да важи. Со ова решение се утврдува само висината на минималната плата согласно закон, сите претходно стекнати права остануваат, наведува Костадиновска Стојчевска.
Таа додава и дека Владата останува посветена на соодветното вреднување на трудот на уметниците и на сите вработени во секторот култура.