Синоќешните поројни дождови доведоа до навлегување вода во дел од хируршкиот блок во болницата „8 Септември“, но пациентите се префрлени во двете новоотворени сали, додека се санира покривот, изјави за „Слободен печат“ директорот Христијан Костов. „..
„Како резултат на пороен дожд и голем проток на вода на површината на покривот лоциран над оперативниот блок, дел од таа вода не успеа да протече низ системот за одводнување од покривот. На едно место има истекување на вода во оперативниот блок помеѓу првата и втората операциона сала и нормално е кога има истекување на вода тие две оперативни сали не се во функција поради стерилитет.
Пациентите кои утринава во програмата требаше да бидат оперирани во тие две сали се префрлени во другите две операциони сали на приземје. Тие две сали се пуштени во употреба и во двете веќе се вршат операции, така што имаше мало доцнење на оперативната програма, но пациентите се згрижени и проблемот е решен“, вели д-р Костов.
Тој додава дека во тек е реновирање на покривната конструкција каде што истече водата и дека мајсторите се на терен.