Коцевски: Истрагата за полицајците вмешани во случајот „Кочани“ се очекува да заврши некаде околу септември
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека се завршени вештачењата за случаите поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани и онкологијата. Тој ја повтори својата оценка во врска со буџетот на Јавното обвинителство, изнесена во неговиот говор на вчерашното продолжение на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет, каде што се дискутира за ребалансот на буџетот, дека вештачењата за онкологијата и случајот со кочанската трагедија се многу голем финансиски товар за обвинителството, бидејќи се спроведени на друго место.
Сите вештачења поврзани со Кочани и поврзани со Онкологија се веќе подготвени. Колку што знам, веќе е закажана главна расправа за случајот Онкологија. Сепак, тие вештачења имаат одредени трошоци, кои се, благо речено, вонредни трошоци, со оглед на тоа што се многу скапи, со оглед на тоа што се вештачења во друга земја, рече Коцевски.
Во врска со случајот со кочанската трагедија, кој со одлука на Врховниот суд беше доставен на оценка до Кривичниот суд во Скопјe, тој рече дека сè уште се чека оценка на обвинителниот акт, и дека Обвинителството ја преиспитува одлуката за надлежност дали ќе остане кај Јавното обвинителство во Кочани или ќе ја делегира на Јавното обвинителство во Скопјe, со цел да се справи со евентуални жалби.
„Очекуваме обвинението да стапи на сила. Судот ќе го оцени, земајќи го предвид фактот дека сега размислуваме дали Јавното обвинителство треба да делегира на друго јавно обвинителство, земајќи го предвид тоа што Врховниот суд пресуди дека Основниот кривичен суд во Скопјe ќе биде надлежен, со проблемот, доколку нема делегирање, кој ќе одлучува по жалбите, дали предметот ќе биде доставен до Апелациониот суд во Скопјe, што и онака треба да биде случај, меѓутоа дали Вишото јавно обвинителство во Скопјe или Вишото јавно обвинителство во Штип ќе дадат мислење. Ова останува на Јавното обвинителство, односно на мене како државен јавен обвинител да одлучам во врска со делегирањето на Јавното обвинителство“, рече Коцевски.
Во врска со случајот во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во кој се вклучени полицајци, тој рече дека случајот е сè уште во фаза на истрага и очекува тој да биде завршен некаде околу септември оваа година.
Cлучајот таму е сè уште под истрага, со оглед на тоа што нема притвор, има и законски рок за истрагата. Значи, да, се надеваме дека некаде наоколу, нема да давам конкретни датуми сега, но истрагата веројатно ќе биде завршена околу септември, а тој случај ќе го води Јавното обвинителство за организиран криминал, со оглед на тоа што тука нема проблем, надлежен ќе биде Основниот кривичен суд во Скопјe, рече Коцевски.