Кочоска најави нов заем од Унгарија, овојпат за враќање на еврообврзницата од 500 милиони евра

Следниот јануари доспева еврообврзницата од 500 милиони евра и таа ќе мора да се врати преку издавање на нова или задолжување на друго место, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

– Имаме проблем со јануари, немаме проблем до крајот на годината да обезбедиме средства. До 25 јануари треба да ја исплатиме еврообврзницата од износ од 500 милиони евра меѓутоа во исто време имаме и државни хартии од вредност кои беа земени во 2020 година во износ некаде околу 136 милиони евра.

Сега тие мора да се вратат, можеби ќе има повлекување и враќање, но мора да ги разгледаме сите опции кои ни стојат на располагаање. Не сме многу среќни ако треба да ја земеме еврообврзницата затоа што условите се високи, а заемот од Унгарија е со многу поволна камата.
Од таа причина ние ќе правиме напори да ги обезбедиме средствата од унгарската влада, ако не ги земеме, тогаш ќе мораме да одиме со издавање на еврообврзница – рече Димитриеска-Кочоска.

Најавените 250 милиони евра од унгарскиот кредит ќе одат за бизнисот но преку Банката за развој.

Димитриеска Кочоска потенцира дека кредитите ќе бидат давани под одредени критериуми, зашто мора, рече, да прекине досегашната пракса на одобрување пари без контрола на нивното трошење.

– Тие кредити ќе бидат давани под одредени услови. Тоа значи дека еднаш засекогаш трба да прекине праксата во оваа држава на одобрување пари, кредити грантови,… на принципот „дајте ни и потоа не ги контролирајте“. Или ќе поставиме услови и ќе ги насочиме сите тие пари кон компании кои навистина ќе инвестираат и ќе имаат позитивен импакт на БДП, во спротивно не можеме да се согласиме со оваа пракса која се правеше до сега.

Потрошени се премногу средства преку Фондот за иновации, Законот за финансиска поддршка на инвестиции, а сите сме сведоци дека ефектот врз Буџетот и БДП е порзителен. Значи нешто не е во ред и ние ќе ги менуваме критериумите, истакна министерката, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за ребалансот на Буџетот.

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека фирмите всушност ќе добијат помош поради актуелните лоши пазарни услови, но за сметка на тоа ќе треба да „вратат“ со инвестиции, најмалку 5 000 нововработени и раст на производството од пет отсто над стапката на инфлација.