Кошта: Проширувањето на Унијата кон земјите од Западен Балкан е најважната геополитичка инвестиција на Брисел

„Многу сме посветени на ова. Ова е најважното геополитичко нешто што го правиме и тука сме да го исполниме и тука сме да работиме со секоја земја во процесот на пристапување“, вели претседателот на Европскиот совет.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, вели дека проширувањето на Унијата кон земјите од Западен Балкан е најважната геополитичка инвестиција на Брисел и оти тоа е „приоритет“ за блокот.

„Многу сме посветени на ова. Ова е најважното геополитичко нешто што го правиме и тука сме да го исполниме и тука сме да работиме со секоја земја во процесот на пристапување“, вели Кошта.

Кошта, кој денеска беше во посета на Косово рече дека земјата има свое место во ЕУ, но дека мора да ги исполни своите обврски од дијалогот со Србија.

„Не можам доволно да нагласам колку е важно проширувањето за Европската Унија и, верувам, за вас. Тоа е инвестиција во мирот и стабилноста и носи значајни придобивки за вашите граѓани. Планот за раст за Западен Балкан е одлична можност. Потребно е да продолжите да работите на спроведување на вашата амбициозна реформска агенда, за да можете целосно да ја искористите. Како што знаете, од витално значење е да се постигне реален и опиплив напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина и да се нормализираат односите меѓу Косово и Србија. Ова би било во интерес на вашиот европски пат и, на крајот на краиштата, за животите на граѓаните на Косово“, рече Кошта.

Тој вели дека сè се сведува на градење доверба – да се биде сигурен и стабилен партнер, во земјата, со соседите и со партнерите во Европската Унија.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи на прес-конференцијата со Кошта изјави дека визијата за проширување на ЕУ е потребна денес повеќе од кога било и дека очекува конечно да се отвори патот кон ЕУ за Косово.

Османи рече дека Косово е подготвено да продолжи напред на својот пат кон европска интеграција, бидејќи „неговите институции стануваат посилни од година во година“.

„Време е да го покажеме тоа не само со зборови, туку и преку конкретни чекори. Очекуваме дека за време на вашиот мандат ќе се отвори патот кон интеграција за Косово. Време е да се справиме со нашето барање поднесено во декември 2022 година со цел да се движиме напред кон статус на кандидат за Косово“, рече Османи.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, е на турнеја низ земјите од Западен Балкан, во рамките на која утре ќе престојува во Скопје, каде што ќе оствари средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски.

Кошта турнејата ја почна од Србија каде се сретна со претседателот Александар Вучиќ. По Белград, Кошта турнејата ја продолжи во Сараево и Подгорица, пред денеска да биде во Приштина.

Турнејата ќе ја заврши во Тирана, каде на 16 мај ќе биде кодомаќин на шестиот самит на Европската политичка унија, чија тема е „Нова Европа во новиот свет: Единство – Соработка – Заедничко дејствување“ со фокус на безбедноста.