Државната комисија за спречување на корупцијата користи правни совети од лице кое пред неколку години бил опфатен во предмет во кој оваа институција, во претходниот состав, истражувала судир на интереси за истото лице. Комисијата потврди дека лицето Стевица Јосифовски е ангажиран како нивен правен советник, кој присуствува и на дел од јавните седници на ова тело.
Пред неколку години за сегашниот правен советник Комисијата во претходен состав водела предмет за неспоивост на функции.
“Имавме предмет против Јосифовски за неспоивост на функциите адвокат и претседател на Управниот одбор на Агенцијата за електронски комуникации. Беше утврдено дека согласно тогашната регулатива двете функции се неспоиви. Одлуката на Комисијата беше потврдена и од Управниот суд каде што Јосифовски упати жалба. Потоа предметот беше поднесен до Вишиот Управен суд кој го врати на повторно постапување“, истакна Билјана Ивановска поранешна претседателка на Комисијата во чии мандат бил воден овој предмет.
Уште додека траела постапката, во 2023 година се променил законот и повеќе не било незаконски адвокат да извршува и јавна функција. Јосифовски бил адвокат и на Наумче Мојсовски во случајот против ДКСК, кога тогашен член бил тужен за клевета. Овој случај завршил во корист на Комисијата, а судот ја отфрлил тужбата.
Според одредени информации постојат сомневања дека Јосифовски е опфатен и со предметот со кој Телеком треба да исплати оштета од 4 милиони евра, а за овој предмет Основното јавно обвинителство (ОЈО) започна предистражна постапка. ОЈО ја започна постапката откако министерот за транспорт и врски Александар Николоски го испрати предметот за натамошно разгледување. Покрај тоа за овој предмет расправаше и Републичкиот судски совет, по што беше усвоен извештај во кој беа констатирани низа незаконитости во постапката.
Во извештајот на Судскиот совет беше констатирано дека во пресудата на Апелација се цитирани докази кои што не постојат во списите на предметот кој се водел во Основниот суд.