Кој е Клинтон од Трабзон и за што е обвинет лутиот ривал на Ердоган!? Од местење тендери до тероризам, градоначалникот на Истанбул веќе бил гонет (ФОТО, ВИДЕО)
Екрем Имамоглу, градоначалникот на Истанбул и најголемиот ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој утрово беше уапсен со уште стотина други политичари, новинари и бизнисмени, е осомничен по повеќе основи, меѓу кои и водење криминална организација, помагање терористи, примање мито и местење тендери.
Ројтерс објави дека ова апсење ескалирало политичка пресметка што може да ја обликува иднината на Турција.
Републиканската народна партија (ЦХП), главната опозициска партија во Турција, која требаше да го номинира Имамоглу за свој претседателски кандидат во неделата, го нарече апсењето „обид за државен удар против идниот претседател“.
„Ќе продолжам да се борам“, рече Имамоглу во видео пораката на социјалната мрежа Х непосредно пред апсењето.
Тој рече и дека пред неговата куќа имало „стотици полицајци“.
Британската агенција потсетува дека Имамоглу во текот на целата своја политичка кариера имал правни проблеми.
Тој беше осуден на две и пол години затвор во 2022 година за навреда на функционери кои ги поништија изборите во Истанбул во 2019 година на кои тој победи, за да биде потврден како градоначалник на најголемиот турски град со повторено гласање.
Затворската казна Апелациониот суд ја укина.
Имамоглу исто така беше под истрага за наводите дека подоцна местел тендери како прв човек на Истанбул.
Неговите поддржувачи рекоа дека сите овие обвинувања се политички мотивирани и дека тие се само обиди на Ердоган да го отстрани од политичката сцена, што Партијата на правдата и развојот (АКП) на претседателот постојано ги негира.
Ројтерс пренесува дека последните обвинувања се најсериозни досега.
Обвинителството во Истанбул соопшти дека Имамоглу, заедно со повеќе од 100 други лица, е осомничен за вмешаност во корупција преку градски тендери.
Второто обвинение вели дека градоначалникот и уште шестмина осомничени ја помагале забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), која Турција и нејзините западни сојузници ја сметаат за терористичка организација.
Апсењето се случи еден ден откако Универзитетот во Истанбул вчера објави дека ја укинува дипломата доделена на Имамоглу поради нерегуларности, нанесувајќи и’ удар на опозицијата која планираше да го номинира за кандидат на претстојните претседателски избори во Турција.
Според турскиот закон, кандидатот за претседател мора да има високо образование.
Си-Ен-Ен јавува дека следните претседателски избори во Турција се закажани за 2028 година, но дека постои голема можност за предвремено гласање.
Имамоглу рече дека одлуката на универзитетот е незаконска и надвор од јурисдикција на таа институција и најави дека ќе се бори против одлуката преку легални средства.
– Одлуката на Управниот одбор на Универзитетот во Истанбул е НЕЛЕГАЛНА. Се ближат деновите кога оние кои ја донесоа оваа одлука ќе одговараат пред историјата и лицето на правдата, рече Имамоглу еден ден пред апсењето.
„Кориере дела сера“ пишува дека турските медиуми пишуваат дека политичкиот хаос околу одземањето на дипломата на Имамоглу настанал кога истрагата открила дека Имамоглу првпат дипломирал на Американскиот универзитет Гирне на Северен Кипар, територија што не е меѓународно призната, што му овозможило да се запише на студии на Универзитетот во Истанбул во 1990 година.
Ројтерс известува дека политичкиот подем на Имамоглу наликува на развојот на кариерата на Ердоган, бидејќи и двајцата беа одговорни за Истанбул и се соочија со правни судски процеси.
Имамоглу е роден во 1971 година во црноморската провинција Трабзон.
Откако се стекнал со диплома за бизнис администрација, го презема семејниот бизнис.
Тој се приклучи на партијата ЦХП во 2008 година, а на чело на истанбулската општина Бејликдузу стана во 2014 година.
Во 2019 година тој го зададе најголемиот удар на партијата на Ердоган АКП, која две децении владееше со Истанбул, и стана градоначалник, а минатата година обезбеди реизбор на таа функција.
Инаку, Екрем Имамоглу го носи прекарот „Клинтон од Трабзон“.