Кој е Мохамед Мохбер, привремениот Претседател на Иран!? Пред скоро време беше во Москва, каде што преговараше за продажба на проектили

Мохамед Мохбер како прв потпретседател на Иран стана привремен претседател по смртта на Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа. Мохбер е дел од тричлениот совет, заедно со претседателот на парламентот и првиот човек на судството, кој ќе организира нови претседателски избори во рок од 50 дена од смртта на претседателот.

Мохбер, како и Раиси, се смета за близок до иранскиот врховен лидер Али Хамнеи, кој го има последниот збор во сите државни работи. Мохбер стана прв потпретседател во 2021 година кога Раиси беше избран за претседател.

Мохбер беше дел од тимот ирански функционери кои ја посетија Москва во октомври минатата година, кога беше договорено Иран да ја снабдува руската војска со ракети земја-земја и неколку беспилотни летала.

Покрај него, во иранската делегација беа и двајца високи функционери од Иранската револуционерна гарда и еден функционер на Врховниот совет за национална безбедност.

Мохбер претходно беше на чело на Сетад, инвестициски фонд поврзан со врховниот лидер.

Во 2010 година, Европската унија го вклучи Мохбер на списокот на лица кои ги санкционираше за наводна вмешаност во „нуклеарни или балистички ракетни активности“. Две години подоцна беше отстранет од списокот.

Во 2013 година, американското Министерство за финансии ги додаде Сетад и 37 компании што ги надгледуваше на листата на санкционирани субјекти.

Сетад, или Извршниот штаб на Имамот, беше формиран по наредба на основачот на Исламската Република, претходникот на Хамнеи, ајатолахот Хомеини, преку кого управуваше со имотот наводно напуштен во хаотичните години по Исламската револуција во 1979 година.

Најголем дел од приходите од продажбата на тој имот, како што се тврди, отишол во добротворни цели.